Францускиот производител „Citroen“ го потврди излегувањето на новиот предводник, кој ќе стане наследник на моделите „C5“ и „C6“. Моделот ќе биде „целосно различен од сето прикажано досега“ и ќе се појави во 2019-та или 2020-та година, соопштува „Autocar“.
„Без разлика дали им се допаѓа на луѓето или не, ние немаме намера да направиме нешто традиционално, туку напротив – ќе претставиме еден сосема поинаков автомобил“, вели претседателот на компанијата Линда Џексон.
Таа објасни дека претставувањето на сличен автомобил е диктиран претежно од барањата на кинескиот пазар. И покрај зголемената популарност на кросоверите, во Кина се уште значителен дел од продадените нови автомобили се седани.
За предвесник на новиот предводник на „Citroen“ се смета коцептуалниот модел „Cxperience“ (на сликите). Првично, тој беше создаден само со цел да се прикажат нови технологии. Должината на прототипот е над 5 метри, а тој е опремен со хибриден агрегат со моќност од 300 КС.
Моделот „Cxperience“ располага со суспензија „Advanced Comfort“ со хидраулични амортизери со 2 цевки, кои го прават патувањето поудобно. Предните седишта на концептот се направени од специјална пена која ги „памти“ контурите на телото на возачот и совозачот и се прилагодува спрема нив. Внатрешноста е направена од скапи дрва, специјална ткаенина и вистинска кожа.