7 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЦените веќе пораснале за 3.2% - ќе има ли нов бран поскапувања?

Цените веќе пораснале за 3.2% – ќе има ли нов бран поскапувања?

Во 2017-та цените на мало пораснале за 3.2%, инфлацијата достигнала 1.4%. 2018-та почна со „посолени“ горива и најави за повисоки сметки за парно и вода. Надлежните уверуваат – ситуацијата е под контрола, нема да има бран поскапувања.

Лани раст на цените од 3.2%, годинава почна со поскапувања

Трошоците на живот пораснале за 1.4% а цените на мало за 3.2% за една година. Според најновите податоци на Државниот завод зголемување од 8.5% има кај комуникациите, од 6.3% кај цигарите и алкохолот, од 5.5% кај транспортот, од 3.8% кај ресторанските и хотелските услуги, од 1.0% кај облеката. Намалување има само во три категории;од 0.6% кај трошоците за здравје, од 0.3% кај образование и од 0.2% кај комуналии.

Ваквиот тренд дефинитивно ќе продолжи и оваа година. Од 1 јануари стапи во сила зголемената акциза за дизел горивата, тие веќе поскапеа за 3.5 денари.

Во 2018-та жителите на некои општини ќе добијат и повисоки сметки за вода. Регулаторната комисија за енергетика ова го најави кога ги соопшти новите тарифници. Цената на водата ќе остане непроменета во главниот град, но ќе поскапи во речиси сите градови.

Либерализацијата на пазарот на струја која треба да почне да се применува кон крајот на годината ќе овозможи укинување на евтината тарифа.

Надлежните уверуваат – инфлацијата ќе остане под контрола

И покрај ваквите статистички податоци надлежните уверуваат – нема да следи бран поскапувања, инфлацијата ќе остане под контрола.

„Министерството за финансии веќе соопшти дека очекувањата за движење на инфлацијата се 1.7% и во нив е вградено и зголемувањето на акцизата. Апсолутно не очекуваме тоа да предизвика придвижување на цените“ изјави минатата недела министерот за финансии. „2018 година ќе биде добра година за македонската економија, бидејќи стабилизацијата на политичката состојба ја враќа довербата на инвеститорите и се очекува силно придвижување на приватните инвестиции, кои што изостануваа во претходниот период“ вели Драган Тевдовски.

Стапката на сиромаштија изнесува 21.9%

Секој петти или 453 илјади Македонци се сиромашни! Стапката на сиромаштија се зголемила 0.4 процентни поени за една година и достигнала 21.9% на крајот на 2016-та.

Според податоците на ДЗС стапката на сиромаштија е највисока кај најмладите односно кај лицата до 17 години, изнесува 28.6%. Најниска е кај најстарите односно оние над 65 години, изнесува 14.5%.

9% од вработените, 41.1% од невработените и 7.1% од пензионерите се сиромашни.

Прагот на сиромаштија е приходи од 6.880 денари за самечки домаќинства и 14.488 денари за четиричлени семејства.

„Како сиромашни се сметаат лица, семејства и групи на лица чии ресурси (материјални, културни и социјални) се на такво ниво кое ги исклучува од минимално прифатливиот начин на живеење во земјата во која живеат” стои во објаснувањето од ДЗС.

Големи разлики – малкумина екстремно богати, многумина прилично сиромашни

Едни заработуваат навистина солидно, други едвај сврзуваат крај со крај. Ова се отсликува и во таканаречениот GINI коефициент кој според последните податоци на ДЗС во Македонија изнесува 0.366.

GINI е мерка на нееднаквоста на приходите. Вредноста на коефициентот е дефинирана во распон од 0 до 1, при што ниска вредност индицира подеднаква распределба на приходите или богатството, а висока вредност на нееднаквоста. Доколку GINI изнесува 1 тоа би значело дека во конкретното општество едно лице го поседува целиот приход, а сите други немаат приходи.

Во светски рамки најголема нееднаквост меѓу населението има Јужна Африка со коефициент 0.634, следуваат Намибија со 0.613 и Хаити со 0.608. Најмали разлики има во Украина 0.255, Исланд 0.256 и Словенија 0.257.

Од земјите во регионот освен Словенија која стои фантастично добро и во светски рамки, солидно котираат и Албанија со 0.290, Србија со 0.291, Црна Гора 0.319, Хрватска 0.322, Босна 0.331, Грција 0.358.

Полошо од Македонија е рангирана единствено Бугарија со GINI коефициент од 0.374.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП