21 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАПремиерот Заев и министерот Тевдовски: 2018 ќе биде добра година за економски...

Премиерот Заев и министерот Тевдовски: 2018 ќе биде добра година за економски раст и за развој на инвестициите

На вчерашната работна средба во Министерството за финансии, Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев и министерот Драган Тевдовски е констатирано дека реализацијата и извршувањето на буџетот минатата година се движеле во рамките на предвиденото, но дека она што дава оптимизам за проектирање на трендовите за буџетот за 2018 година се рекордната реализација на капиталните инвестиции, особено во последниот квартал, како и значителното интензивирање на повратот на ДДВ-то, кој во декември достигна реализација од дури 70 отсто.

По работниот состанок, премиерот Заев истакна дека показателите за реализацијата на буџетот во 2017 година дава оптимизам дека 2018 година, ќе биде година на Македонија.

„Она што сакам да го издвојам е дека крајот на годината покажа најголема стапка на реализација на капиталните инвестиции. Вкупната реализација на овие инвестиции во 2017 година изнесува 83,6 проценти ор проектираното. Ова претставува најголема реализација на капиталните инвестиции од 2013 година. Истовремено, реализацијата на севкупните приходи е зголемена во однос на 2016 година. Тоа покажува сериозно заздравување на економијата после политичката криза во Република Македонија. Нашето домашно стопанство, вклучително и компаниите со странски капитал, го препознаа моментот на излез од политичката криза, и дека се раздвижија економските активности. Буџетскиот дефицит остана на предвиденото, на 2,7%, со можност статистички да се придвижи до 2,8%. И тоа испраќа една надежна порака до нас, како јавна администрација, е преку нас и до нашето стопанство, дека доаѓа 2018 година, како година на прогрес, година на економски инвестиции, година на севкупен економски раст и развој на Република Македонија. Очекуваме отворање на многу работни места, очекуваме зголемување на БДП-то. Тоа ќе го почувствуваат и граѓаните. Знаејки го тоа, уште еднаш сакам да ја испратам пораката дека деловните луѓе можат слободно да ги прават своите планови, и дека во 2018 година ќе правиме сè да имплементираме важни стратегиски определби. Дел од тие определби секако ќе бидат и можностите домашните инвеститори да прават слободно развојни планови, заедно со банките и со сопствените потенцијали. Владата ќе направи сè за да ги поддржи тие планови за севкупниот раст на БДП”, истакна премиерот Заев на прес конференцијата за новинарите.

Министерот за финансии, Драган Тевдовски, на прес конференцијата рече дека реализацијата на капиталните инвестиции во Буџетот на Република Македонија во 2017 година е на историски највисоко ниво.

„Во 2016 година капиталните инвестиции изнесувале 16,97 милијарди денари. Остваривме одличен резултат во 2017, ако се знае дека во првата половина на годината беше остварена многу слаба реализација на капиталните расходи. Ние ќе продолжиме со ова темпо на реализација со што ќе се даде силен поттик на вкупниот економски резултат годинава“, рече Тевдовски.

Во однос на зголемената наплата на даноците во 2017 година, како што информира Тевдовски, даночните приходи се за 4,6% повисоки од 2016 година, при раст на сите поважни категории на даноци.

Притоа, додаде тој, Министерството за финансии, во координација со УЈП, во 2017 година реализираше поврат на ДДВ кон фирмите кои што е за 2,2 милијарди денари повисок од 2016 година.

„Ние и во 2018 година ќе продолжиме со неселективна и брзо враќање на ДДВ кон фирмите со што ќе се влијае на подобрување на ликвидноста на стопанството“, порача Тевдовски на прес конференцијата по повод заедничкиот состанок со премиерот Зоран Заев заедно со советниците во нивните кабинети.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП