26 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИАтлантик Група започна со производство на Аргета во САД

Атлантик Група започна со производство на Аргета во САД

Атлантик Група успешно го преплива океанот кој го дели Стариот од Новиот континент и од сега еден од своите најуспешни брендови ќе ги произведува и во Соединетите Американски Држави. По успешните подготовки денес започна производството на деликатесниот намаз Аргета во градот Харисбург, во сојузната држава Пенсилванија, а во првата година се очекува приход од продажбата од три милиони долари.

Во согласност со строгите критериуми за доследност и со врвната технологија усовршена во две регионални фабрики – словенечката во Изола и Хаџиќи во БиХ, Аргета ќе се произведува ексклузивно за северноамериканскиот пазар во соработка со американската компанија Brother&Sister во Харисбург. Познато е дека Аргета се произведува исклучително од квалитетни парчиња месо и природни зачини, без конзерванси и адитиви од било кој вид, како и со истакнати меѓународни сертификати за квалитет.

Во текот на ноември и декември 2017., во соработка со локалните дистрибутивни партнери, започнува интензивна дистрибуција на Аргета на речиси две илјади продажни места во САД и Канада, проследена со силна промотивна кампања, пред се на продажните места и во дигиталните медиуми. Генералниот директор на Стратешката бизнис област Деликатесни намази во Атлантик Група, Ензо Смрекар, изјави дека станува збор за важен чекор на брендот кој е еден од најпотентните амбасадори на Атлантиковата стратегија за интернационализација, не само во Европа туку и во прекуокеанските земји.

„Нема да претераме доколку кажеме дека Аргета е најголемиот бренд на паштета во светот, бидејќи помеѓу многубројните трговски марки на паштети, гледано поединечно, Аргета најмногу се продава. Со квалитет кој се негува со децении и постојани иновации на асортиманот, Аргета стана синоним за најдобра паштета во регионот на Југоисточна Европа. Како еден од носителите на процесот на интернационализација во целата Атлантик Група, се одлучивме за храбра и амбициозна, но добро планирана и реална стратегија за ширење и надвор од Европа, каде веќе сме успешно етаблирани. Во Австрија, Аргета веќе има 37 отсто од пазарот, во Швајцарија речиси 30 отсто, додека во Германија и Шведска напредуваме од стабилните 10 отсто од пазарот. Сега ја отвараме вратата кон американскиот пазар, со голем потенцијал кој знаеме како да го искористиме“, изјави Смрекар.

 

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП