Американската компанија „Zynga“ сака да стане лидер во мобилните игри со карти. Пионерот за игри на интернет го купи бизнисот со мобилни игри со карти на турскиот „Peak Games“ за 100 милиони долари. Ова се случува како дел од договорот што се очекува да биде финализиран во четвртиот квартал, пишува „Блумберг“.
Бизнис на „Peak“ е профитабилен и ќе донесе дополнителен профит, рече главниот извршен директор на „Zynga“, Франк Гибо, во едно интервју.
Договорот е најголем за Гибо, откако минатата година го замени коосновачот Марк Пингус.
„Peak Games“ е развивач на игри како што се „Spades Plus“ и „Gin Rummy Plus“, како и насловот базиран на популарната турска игра наречена „Okey“. Аквизицијата ќе го надополни портфолиото на „Zynga“, која веќе вклучува игри на пасијанс и покер.
Мобилните приходи од популарниот „Zynga Poker“ скокнаа за 78% во третиот квартал, бидејќи компанијата успеа да привлече нови играчи и да ги зголеми приходите од турнири и други натпревари, коментираше Гибо.
Генерално, компанијата објави приход од 224,6 милиони долари, што ја надмина просечната прогноза на аналитичарите од 212,4 милиони долари.
Но, прогнозата за приходите на „Zynga“ за четвртиот квартал (215 милиони долари) е под 222,5 милиони долари колку што беа очекувањата на аналитичарите. Како резултат на вестите, хартиите од вредност на компанијата опаднаа за 1,9% за време на берзанската трговија.