2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнализа: биткоин - меур пред пукнување или валута на иднината

Анализа: биткоин – меур пред пукнување или валута на иднината

Вредноста на најпознатата виртуелна валута рипна за дури 50% за еден месец, дел од аналитичарите сметаат дека трендот ќе продолжи, а дел дека секој момент ќе крахира и инвеститорите ќе ги изгубат вложените пари. На Балканот лидери во нивното користење се Словенија и Хрватска, а во Македонија тргувањето со нив е противзаконско иако засега не се контролира ригорозно.

Биткоинот рипна за 50% за еден месец

Вредноста на Биткоинот порасна за 50% за еден месец. Сега се тргува за 6.958 долари по парче, а на 7 октомври можеше да се купи за 4.596 долари.

Сепак, цената почна значително да варира последнава недела – од 6.363 долари се качи на 7.583 и го достигна максимумот по што падна на 6.953 па повторно почна благо да расте.

Наглиот пораст на оваа кртиптовалута започна во април – од околу илјада долари за парче вредноста се зголеми седумкратно за неколку месеци. Претходно со години се движеше на истото ниво – од 900 до 950 долари.

Светски милијардери контра

Голем дел од светските милијардери сметаат дека криптовалутите се само меур кој секој момент може да пукне. Тврдат дека никогаш не би инвестирале во нешто што практично и не постои.

„Тоа едноставно нема смисла. Тоа е нешто што не е регулирано, не е под контра, не е под супервизија од ниту една централна банка. Не верувам во целата работа, мислам дека ќе пукне“ смета милијардерот Ворен Бафет.

„Валутата нема да успее. Не може да станува збор за бизнис онаму каде што луѓето можат да измислат валута од ништо, од воздух и да мислат дека луѓето што ја купуваат се паметни. Не можам да верувам во нешто што нема вистинска вредност“ смета Џејми Димон, директор во JP Morgan Chase.

Глобални аналитичари про

Сепак, има и сосема спротивни гледишта од овие – дека криптовалутите се валути на иднината и дека постепено целосно ќе завладеат со глобалните пазари.

„Верувам дека вредноста на биткоинот ќе достигне и до 25 илјади долари во наредните пет години, биткоинот можеби и ќе го замени златото како стандард за финансиска вредност. Мислам дека следната генерација на млади луѓе токму во него ќе ја чува својата заштеда“ смета Том Ли, финансиски советник во FundStrat Global.

„Биткоинот докажува дека има некришлива вредност. Поради неговите карактеристики, транспарентност и десиминација, има невиден успех во услови на глобална политичка и социоекономска несигурност. Користите во однос на постоечките финансиски системи се апсолутно јасни и видливи“ објаснува Лион Енџл, основач на DataWallet.

Балкан: Словенија и Хрватска лидери во трансакциите

Криптовалутите, особено биткоинот, добиваат на популарност и во регионот. Лидери по бројот на трансакции се Словенија и Хрватска, таму дури и во продавница може да се плати со виртуелната валута.

„Во Словенија можеби има 20 до 30 продавници кои овозможуваат вакви плаќања, но има голем интерес и треба да се создадат технички услови за тоа да успее и пошироко“ вели Јака Видњал, универзитетски професор од Словенија.

Банка од Словенија прави пилот проект кои во иднина треба да им овозможи на граѓаните од банкомат да подигаат евра долари и други валути со помош на биткоин.

„Тие се еден вид конкуренција на традиционалното банкарство, особено во платните трансакции. Ако сакате да пратите пари од Словенија во некоја од поранешните советски републики на пример ќе ви требаат два до три дена и трошоците се големи. Криптовалутите се движат во реално време и тоа е бесплатно. Има две можности – или ќе се борат против нив или ќе ги прифатат“ објаснува Видњал. „Брзо се развива и прометот со платежните картички. Најголемите светски компании на полето на картичниот промет VISA и Master веќе имаат на пазарот припеид  картички во Биткоини. Веќе големи компании почнаа да експериментираат со криптовалути“ вели тој.

Во Македонија тргувањето со криптовалути е нелегално

Народната Банка (НБРМ) во повеќе наврати предупреди дека тргувањето со криптовалути е нелегално исто како што не е дозволено отворање сметки и купување хартии од вредност и деривативни финансиски инструменти во странство, освен при пропишани исклучоци.

„Ризиците кои произлегуваат од ваквите вложувања, бидејќи средството кое овозможува многу високи приноси, вообичаено носи и големи ризици за загуба. Поради рапидното зголемување на интересот за инвестирање во виртуелните (крипто) валути, нивната цена многу брзо расте, а финансиско средство чија вредност многу брзо се зголемува станува шпекулативно, односно меур кој порано или подоцна ќе пукне“ објаснуваат од НБРМ.

Пазарот на криптовалути вреди 200 милијарди долари

Според истражувањето на веб страната Coinmarketcap, целиот крипто пазар сега има вредност од 200 милијарди американски долари.

Биткоин е најпопуларната криптовалута со вкупна вредност од 120 милијарди долари, додека вториот најпопуларен е Етереум со моментална вредност од 30 милијарди долари.

Остатокот од листата се состои од сите други криптовалути кои ги има околу илјада.

Што е во суштина биткоин?

Биткоин е платежен систем кој се појавил во 2009 година како програм со отворен код.

Ова е дигиталната валута, уште се нарекува и виртуелна валута, електронски пари или криптовалута поради криптографијата која се користи при создавањето и трансферот.

Биткоин системот не е контролиран од ниту еден ентитет, како централна банка, поради што најчесто се нарекува децентрализирана валута.

Биткоините се создаваат преку процес кој се нарекува „откопување“ – користење на компјутерската моќ во мрежа за верификација и запис на плаќањата јавно онлајн, во размена за провизија при трансакции и новосоздадени биткоини. Корисниците испраќаат и примаат биткоини преку софтверска апликација наречена паричник, која може да се користи на компјутер, мобилен уред или како веб-апликација.

Биткоини можат да се стекнат со „откопување“, во замена за продукти, сервиси или други валути.

Растот на бројот на биткоини е предефиниран во Биткоин протоколот и е начин да се спречи инфлацијата. Моментално, постојат повеќе од 16 милиони биткоини во циркулација, со просечно темпо на создавање од 25 биткоини на секои 10 минути. Вкупниот број е ограничен на 21 милиони и секои 4 години создавањето на биткоини ќе биде преполовено. Ова значи дека нови биткоини ќе бидат во оптек во следните 100 и повеќе години.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП