15 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДрастични промени - Владата „крчка“ целосна реформа на градежната регулатива

Драстични промени – Владата „крчка“ целосна реформа на градежната регулатива

Целосна реформа на градежната регулатива. Владата подготвува пакет измени на постојните и носење целосно нови уредби кои ќе ги опфатат законите за градење, за просторно и за урбанистичко планирање, за катастар, за експропријација, за еврокодови.

Веќе е формирано национално координативно тело во кое се вклучени претставници од Владата, од министерствата, од општините, од другите надлежни институции како и од здруженијата на архитекти, на градежници, но и претставници на стручната и научната фела. Со него раководи професорот Мирослав Грчев.

„Во следните 2 месеци ќе изготвиме интервентни измени на кои стручњаците укажаа пред се со цел да се отстранат аномалиите и противречностите. Потоа ќе започнеме со изработка на сосема нов сет на закони, процес што ќе трае 7 до 8 месеци“ откриваат од Владата.

Само законот за градење во последните 5 години бил менуван 25 пати. Со ова, според надлежните, настанал вистински хаос во регулатива но и на терен. Речиси на иста линија е и стручната фела. Во Комората на овластени архитекти и инженери (КОАИ) сметаат дека е крајно време да се воведе ред.

„Досегашниот закон за градба имаше бројни недостатоци. Дел од нив се од законска природа, дел од техничка природа, дел се некои кои треба да ја подобрат состојбата на инженерите“ изјави Миле Димитровски, претседател на КОАИ.

Урбаниот хаос ќе се средува и со законски измени и со засилен надзор, велат од Владата. Сепак, негираат дека ќе има уривање на објекти – се што досега било направено а било во рамките на постојните закони ќе останело.

„Основна цел е подобрување на животот на граѓаните. Урбаниот хаос го нарушува просторот. Во Скопје досега масовно се градеше без план, проблемот е помал во другите градови, но таму не се внимаваше воопшто на она што се нарекува архитектонско решение или урбанистички изглед на локалната единица… Ова е болната точка која ќе треба да ја коригираме иако нема можност состојбата целосно да ја вратиме назад, но мораме да ја смениме генералната перцепција дека во сферата на урбанизмот владее хаос, дека владее корупција и тоа е она што не боли сите нас“ велат извори во Владата.

Архитектите предупредуваат – освен законски измени мора да се донесат и сосема нови урбанистички планови и тоа не само за главниот град.

„Најпрвин треба да се изработат просторни планови од каде ќе се црпат информациите и насоките понатаму за изработка на нови ГУП-ови, и понатаму за изработка на нови ДУП-ови. Ова не се однесува само за Скопје, ова се однесува за сите градови и за целата држава“, изјави неодамна архитектката Дијана Мицковиќ.

Каква е моменталната состојба доволно зборува податокот дека во моментов во централното градско подрачје на Скопје во тек е изградба на десетици големи станбени згради, од кои добар дел и со по стотина и повеќе станови.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП