Во периодот од 01.01-30.09.2017 година Банката од своето работење оствари позитивен финансиски резултат во износ од 106 милиони денари наспроти остварениот позитивен финансиски резултат во истиот период минатата година во износ од 526,2 милиони денари.
Остварената добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за оперативната способност на Банката да ги покрива расходите од работењето, е за 8,1% помала во однос на истиот период минатата година што главно се должи на намалувањето на нето приходите од камати.
Сепак, најголемо негативно влијание врз финансискиот резултат има зголемувањето на исправката на вредност на корпоративните кредити, што ги надмина очекувањата за овој извештаен период.
Вкупните приходи од работењето изнесуваат 3.311,6 милиони денари и бележат намалување од 4,9% во однос на истиот период минатата година.
Нето-приходите од камата претставуваат основна компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето и на 30.09.2017 година бележат намалување од 7,4% во однос на истиот период од минатата година како резултат на влошување на квалитетот на корпоративните кредити, воздржување од поинтензивно кредитирање и намалување на каматните стапки согласно конкурентските услови на пазарот. Планот за анализираниот период е исполнет со 90,6%.
Нето приходите од провизии и надоместоци на 30.09.2017 година изнесуваат 623,7 милиони денари и во однос на истиот период од минатата година бележат намалување од 1,8% заради поинтензивниот раст на расходите за провизии поврзани со картичното работење и едновремено намалена динамика на раст на приходите од провизии заради намалени активности кај дел од клиентите поради политичката ситуација во земјата, намалување на надоместоците согласно конкурентските услови на пазарот и поинтензивното користење на електронското банкарство од страна на клиентите. Планот за анализираниот период е исполнет со 100,1%.
Нето приходите од курсни разлики на 30.09.2017 година изнесуваат 89,1 милиони денари и во однос на истиот период од минатата година бележат намалување од 13,2%. Планот за анализираниот период е исполнет со 91,4%.
Останатите приходи од работењето на Банката на 30.09.2017 година изнесуваат 424,7 милиони денари и во однос на истиот период од минатата година бележат зголемување од 2,5% како резултат на зголемениот износ на реализирани капитални добивки од продажба на преземен имот. Планот за анализираниот период е исполнет со 118,9%.
Оперативните расходи за периодот 01.01-30.09.2017 година изнесуваат 1.266,2 милиони денари и се зголемени за 0,8%. Планот за анализираниот период е исполнет со 96,8%.
Загубите поради оштетување на нефинансиските средства на нето основа заклучно со месец септември изнесуваат 18,3 милиони денари и се намалени за 88,8% во однос на истиот период од минатата година.
Исправката на вредност на финансиските средства на нето основа на 30.09.2017 година достигна износ од 1.921,1 милиони денари и во однос на истиот период минатата година бележи зголемување од 25,1%.
Вкупната актива на Банката на 30.09.2017 година достигна износ од 95.514,1 милиони денари и во однос на декември 2016 година бележи намалување од 1,2%. Намалувањето на вкупната актива во најголем дел се должи на намалувањето на паричните средства и парични еквиваленти, кредитите на и побарувања од банки и кредитите на и побарувања од други комитенти. Планот е остварен со 96,2%.
Целиот финансиски извештај можете да го погледнете тука.