Цената на златото се зголеми за околу 13% од почетокот на годината. Тоа навистина е добра година за благородниот метал, но не колку што беше поскапувањето на паладиумот.
Цената на суровината додаде 50% на својата вредност во 2017-та година, за да го достигне вчера највисокото ниво во последните 16 години.
Паладиум се користи во автомобилите, електрониката, накитот и стоматологијата.
Вчера неговата цена успеа да се зголеми на ниво над 1.000 долари за унца и достигна 1005 долари.
Аналитичарите велат дека зголемувањето се должи на зголемената побарувачка и слабата понуда.
„Во последните 5 години постои недостиг од паладиум, а во исто време гледаме зголемена потрошувачка, главно во Азија“, вели Џони Тевез, аналитичар од „UBS“.
Податоците на „UBS“ покажуваат дека 78% од побарувачката на паладиумот во оваа година доаѓа од автомобилската индустрија.
Материјалот се користи за контрола на штетните емисии во автомобилите.
Зголемената продажба на автомобили во оваа година во светот, и главно во САД и Кина, се меѓу главните причини за зголемувањето кај паладиумот.