Американските потрошувачки цени во септември пораснаа за 0,5 отсто – најголем пораст од пред осум месеци.
Резултатот е одраз на ново силно поскапување на енергијата, како последица од ураганот Харви, кој ги затвори рафинериите на брегот на Мексиканскиот Залив и турна силно нагоре цените на бензинот во земјата, пренесоа американските медиуми и „Ројтерс“.
Министерството за труд прецизира дека септемврискиот пораст на внимателно следениот индекс на потрошувачките цени е најголемиот на месечна основа по растот од 0,6 отсто во јануари. Во август месечната инфлација изнесуваше 0,4 отсто.
На годишна основа во септември цените на стоките за широка потрошувачка се зголемија за 2,2 отсто, по 1,9 отсто во август, според „Ројтерс“.
Минатиот месец цените на енергијата во САД скокнаа за 6,1 отсто, водени од бензинот, кои поскапе за 13,1 отсто. Аналитичарите велат дека влијанието на ураганот ќе биде привремено.
Главната инфлација, со исклучок на варијабилните категории на храна и енергија, е само 0,1 отсто во септември.
Друга статистика покажува дека минатиот месец Американците го зголемиле трошењето во продавниците за малопродажба со најсилна стапка од пред две и пол години.
Ова се должи на засилената продажба на автомобили, откако им се наметна на жителите на областите погодени од урагани, да ги заменуваат уништените возила. Стихијата, исто така, влијаеше на побарувачката за градежни материјали.
Продажбата на мало во септември порасна за 1,6 отсто, откако во август се намали за 0,1 отсто. Автомобилите забележаа скок од 3,6 отсто – што е највисок од март 2015-та година. Продажбата на бензин бележи раст од 5,8 отсто – највисок од пред четири и пол години, најверојатно поради ценовниот скок по ураганите Харви и Ирма.
Со исклучок на автомобилите и бензинот, кои се високо променливи категории, продажбата се зголеми за 0,5 отсто, во споредба со само 0,1 отсто во август.
Потрошувачите се оптимисти за економијата, невработеноста достигна 16-годишен минимум, а платите одат нагоре во последните месеци. Ова треба да го стимулира трошењето во наредните месеци, забележува „АП“.