26 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПад на градежништвото - можни отпуштања

Пад на градежништвото – можни отпуштања

Напукна столбот кој со години ја крепеше целокупната економија – градежништвото продолжува да оди во надолна линија.

Бизнисмените песимисти – можни отпуштања

Бројот на вработени во секторот ќе се намали во следните три месеци. Вака се изјасниле менаџерите во градежните компании во анкетата на Државниот завод за статистика. Тие сметаат и дека економската состојба е полоша во третиот во однос на вториот квартал. Најголемо негативно влијание имаат зголемените трошоци и намалената потрошувачка.

Намален бројот на издадени градежни дозволи

И бројот на издадени одобренија за градење има надолна тенденција. Во август годинава бил помал за 6.8% во однос на истиот месец лани. Сепак, ќе се градат помалку, но поголеми и поскапи објекти. Предвидената вредност е зголемена за 23%. Од вкупниот број на издадени одобренија 66.4% се наменети за  високоградба, 8.6% за нискоградба и 25% за реконструкција.

Помалку работа и на странските пазари

Статистиката покажува дека во првите седум месеци од годинава македонските компании договориле 13.9% помала вредност на градежни работи во странство, вкупно 37.4 милиони евра.

Во истиот период македонската градежна оператива во странство извршила градежни работи во вкупна вредност од 12.3 милиони евра или 23.9% помалку.

Во Македонија најмногу се гради во Скопје

Скопската општина Карпош во јули годинава беше најатрактивна локација во земјава за инвестирање во станбени згради со предвидени за изградба 74 станови. Во овој месец не е издадена ниту една градежна дозвола на територијата на општините Аеродром и Центар, кои вообичаено се многу барани од градежните инвеститори. На државно ниво, по Карпош и другите скопски општини, најмногу станови се предвидени да се градат во Струга, вкупно 22 станови, во Прилеп и во Штип по 8 станови, во Тетово 6, а во Велес 5 станови.

Компаниите со намалени профити

И покрај негативните статистики, градежниците остануваат со позитивно салдо. Според полугодишните финансиски извештаи на компаниите, тие се уште „ѕидаат“ добивки иако помали.

„Гранит“ од јануари до јуни имал профит од 1 милион и 700 илјади евра што е за 36% помалку во однос на истиот период лани. „Бетон“ Скопје заработил 533 илјади евра што е за 28% помалку. Единствено „Бетон“ Штип бил во негатива. Компанијата остварила загуба од 934 илјади евра.

Градежниот сектор во пад од почетокот на годината

Градежништвото во првиот квартал годинава падна за 6.3%, а во вториот за дури 17.3%. За овие шест месеци вкупните економски активности се намалија за 0.9%.

К. Н.

 

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП