5 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАТрговски центри: зошто ГТЦ и Буњаковец пропаѓаат, зошто City Mall и Rasmtore...

Трговски центри: зошто ГТЦ и Буњаковец пропаѓаат, зошто City Mall и Rasmtore доминираат?

City mall, Ramstore, Capitol наспроти ГТЦ, Буњаковец, Бисер. Новите трговски центри целосно „ги урнаа“ старите. Во едните метеж и преполни продавници, во другите пусто и празни ходници.

Драстична е и разликата во цените на кириите – веќе неколку години закупнините во старите трговски центри континуирано се намалуваат, на некои простори се дури двојно поевтини отколку во новите шопинг молови.

Според консултантите за недвижности ова е очекувано и е тренд во целиот регион. Очајната состојба во помалите трговски центри е резултат пред се на нивната неорганизираност.

„Новите објекти се градат плански, содржините се распределуваат според атрактивноста. Од друга страна во старите има огромен број сопственици, па тешко е да се организира кој простор за која намена да служи. Владее хаос. Ова резултира со намалена посетеност и пад на приходите“ објаснуваат од една од поголемите агенции за недвижности која истовремено прави и анализа на пазарот.

Закупнините на малопродажниот простор во главниот град бележат намалување изминативе неколку години, иако премиум локациите се уште држат цена. Метар квадратен на премиум локација во трговските центри чини речиси 40 евра, во центрите во населбите достигнува 17 евра, додека на главните пешачки зони изнесува 34 евра.

За да го задржат сегашното ниво на цени, старите трговски центри ќе треба да направат подобра прераспределба на просторот кој го изнајмуваат. Дотогаш ГТЦ ќе остане локација со најголем празен простор од 30% од вкупната површина за закупување. Слична е состојбата и во Буњаковец каде една третина од објектите зјаат празни, следат Беверли Хилс и СП Планет со над 30%.

И покрај големиот број на трговски центри во Скопје, консултантите велат дека постојат услови нивниот број и натаму да расте. Нов малопродажен простор нема да биде понуден до крајот на следната година за кога е најавено отворањето на трговскиот центар Џевахир Мол во населбата Аеродром и Емпорио Мол во Ѓорче Петров.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП