23 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМакедонија најнепродуктивна во Европа!

Македонија најнепродуктивна во Европа!

Македонија е на европското дно според продуктивноста на работниците. На речиси исто ниво е и Бугарија, а најдобро се рангирани Луксембург и Норвешка.

Според официјалните податоци на Евростат еден работник за еден час во земјава создава само 42.9% додадена вредност од просекот што го прават неговите колеги на ниво на Европската Унија.

Минимално подобро рангирана од Македонија е Бугарија со 43%. Романија има 56.3%, Хрватска 73.1%, Словенија 79.8%, Грција 87.1%. Најпродуктивни се работниците во Луксембург со 163.2% од просекот, па Норвешка 152.5% и Швајцарија со 122.5%. Во податоци ги нема Србија, Босна, Албанија и Косово.

Податоците на Народната Банка (НБРМ), пак, покажуваат дека продуктивноста во македонската економија има тенденција на минимален раст. Лани нејзиниот раст бил 0.1 процент. НБРМ продуктивноста ја пресметува по формулата сооднос меѓу Бруто домашниот производ и бројот на вработени.

Старата технологија и рачната работа се главната причина за непродуктивноста, велат бизнисмените според кои мора многу повеќе да се вложува во современи машини и автоматизирано производство.

„Конкретно во мојата бранша, текстилот, главен проблем е застарената технологија која се применува. Тука е разликата. Мора да се работи на воведување на нови технологии а за тоа ни се потребни пари. Има кредити со релативно ниски камати но роковите за враќање се прекратки. Потребни се сериозни мерки и државна стратегија за секторот“ вели сопственик на конфекција која вработува 150 луѓе во Штип.

Друг проблем се и самите квалификации на работниците – треба повеќе да се работи на прилагодување на образовниот систем на потребите на пазарот на труд – теоретската настава да биде поткрепена со практична обука.

„Каскаме. Но, мислам дека генерално и сите каскаат и тоа главно заради несоодветноста на образовниот систем. Едноставно нашите образовни системи се фокусирани на квалификации кои се формално образование, притоа заборавајќи ги вештините, кои се она што ќе биде потребно во иднина“, изјави неодамна д-р Никица Мојсоска – Блажевски.

Дел од бизнисмените посочуваат уште друг проблем – менталитетот. Според нив работниците тешко се прилагодувале на новиот капиталистички систем.

„Ние имавме трансформација на нашето стопанството од социјалистичко во капиталистичко и нашите вработени се уште имаат остатоци од тој систем и од тоа време“ вели сопственик на фабрика за производство на делови за земјоделски машини.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП