28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗошто облеката во Скопје е поскапа од Софија и Солун?

Зошто облеката во Скопје е поскапа од Софија и Солун?

Исти производи, различни цени – гардеробата во Скопје е секогаш поскапа во однос на Солун или Софија. Споредено со европските метрополи разликата е уште поголема. До кога Македонците ќе плаќаат повеќе?

Различни пазари, различни цени, а Македонија секогаш најскапа. На пример,  меѓународен, шпански бренд на македонската верзија на својот интернет сајт нуди женски мантил за 3.390 денари (55 евра), а на шпанската и бугарската верзија за 49 евра. Машки фармерки во земјава се продаваат за 1.490 денари (24 евра), во Шпанија и во Бугарија цената е 20 евра.

Разликата станува уште поголема и поочигледна при попустите и промоциите. Истиот мантил при сезонската распродажба во Скопје достигнува цена од 2.390 денари (39 евра), но во Шпанија и Бугарија се спушта и до 25 евра. Фармерките овде со попуст би биле 1.000 денари (16 евра, а во другите држави 9 до 12 евра.

Пазарните аналитичари велат дека има повеќе причини за ваквата состојба – помал пазар, послаба конкуренција, поскапа закупнина.

„Цените ги диктираат централите на модните куќи. Тие вообичаено се поставуваат на неколку нивоа во зависност од пазарот – колку е помал, понеразвиен; а куповната моќ поограничена, толку диктираната цена е повисока поради помалиот обрт. Прометот во продавниците во скопските молови е повеќе пати помал отколку во Виена, Мадрид, Софија, Солун. И секако секогаш е најевтино во матичната земја на брендот“, објаснува трговскиот аналитичар Синиша Томески.

Според него дополнително влијание на цените на крајните производи имаат и трошоците.

„Кај нас даноците се помали, но закупнините се поголеми. Некои трговци кои кај нас продаваат брендирана гардероба и обувки, не прават сериски нарачки, туку земаат по неколку парчиња, што според економската логика мора да влијае на нивната малопродажна цена. Нормално е дека во Македонија со два милиона жители ќе биде поскапо отколку во Србија со над осум милиони. Но, мислам дека се што е над 10 проценти поскапо е неоправдано“, вели Томески.

Според Евростат, статистичката агенција на Европската Унија, најевтина облека има во Турција, а најскапа во Исланд. Податоците се однесуваат на 2015-та година.

Така алиштата во Турција се продаваат за 37% под европскиот просек, следат Македонија и Бугарија со 21% под просекот. На врвот на листата е Исланд со 52% над просекот, па Швајцарија и Данска со 34 односно 33%.

Сепак, овие податоци се за просечната цена на облеката, вклучително и локално произведените парчиња и не ги земаат предвид меѓународните и најбараните брендови, ниту периодите на попусти и распродажби.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП