19 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАМакедонската економија нема бренд за европскиот пазар

Македонската економија нема бренд за европскиот пазар

Краток е дострелот на домашните брендови– познати во Македонија, препознатливи на Балканот, но анонимни во Европа.

Создавањето препознатлива марка е напорна и тешка, но не и невозможна мисија, сметаат експертите кои објаснуваат дека на долг рок користа е повеќе пати поголема од трошокот што би се направил. За препознатлив бренд треба да се исполнат многу услови – да се работи на самите производи, да се влијае на навиките на купувачите, да се направи маркетинг стратегија.

„Домашните компании треба малку повеќе да се насочат кон стратегиите на брендирање за да можат да го фатат чекорот ако не со меѓународните барем со регионалните, балканските компании. Потребно е многу малку за да бидеме поконкурентни на пазарот“, смета бизнис консултантот Ленче Сотировска.

Сепак, според експертите, македонските бизнисмени не се многу заинтересирани за изградба на сопствен бренд. Причините се многубројни – главна пречка е самиот менталитет, домашните компании најчесто се задоволуваат со она што веќе го имаат, секогаш размислуваат локално, ретко регионално, а никогаш глобално.

„Тие како воопшто да немаат желба да инвестираат во своите производи и во нивната препознатливост. За да се направи успешен бренд треба да се изгради приказна и асоцијација за секој производ, да се влезе во потсвеста на потрошувачите“,смета бизнис консултантот Ленче Сотировска.

Компанијата Valicon секоја година ја мери јачината на брендовите од подрачјето на поранешна Југославија. На нејзината листа „Топ 25 брендови“ покрај глобалните, има словенечки, хрватски, српски брендови, но не и македонски.

На прво место во земјите од некогашна СФРЈ се чоколадите Milka, а следат Coca Cola, Vegeta, Cedevita, Argeta, Orbit, Smoki, Cockta, Nivea, Pepsi, Nescaffe, Jaffa cakes, Fanta, Jana, Lenor, Paloma, Gillette, Plazma, Kiki, Ariel, Airwaves, Nutella, Podravka, Dukat,  Medeno srce.

Рангирањето за Македонија покажува дека прв бренд е Argeta, а зад неа се Milka, Стоби флипс, маргаринот Кристал и минералната вода Пелистерка.

Истражувањето на Kantar Worldpanel Brand Footprint, пак, покажува дека минатата година на глобално ниво бренд број еден била Coca Cola, а зад неа пастата за заби Colgate, сапунот Lifebuoy, супите Maggi и чипсовите Lay’s.

Истражувањето е базирано врз основа на потрошувачката на домаќинствата на 15.000 поединечни брендови во светот во 44 држави.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП