Владините министри денеска одржаа состанок со претставници од Светска банка, предводени од регионалниот директор за Западен Балкан Линда Ван Гелдер и директорот на СБ во Македонија Марко Мантованели.
Министерот за финансии, Драган Тевдовски, на прес-конференција изјави дека 350 милиони американски долари ќе бидат издвоени за поддршка за проекти за општинска инфраструктура, за патишта, за туризам и социјална заштита за маргинализираните заедници.
На прес-конференцијата не беа дозволени прашања, но по кусо време министерот се премисли и одговараше на новинарски прашања.
Тевдовски рече дека Министерството за финансии успеало да донесе стратегија за управување со јавни финансии и дека драфт-верзијата е објавена на веб-страницата на Владата.
Исто така, министерот најави формирање и фискален совет.