Министерството за економија на Србија распиша тендер за продажба на 93,7 отсто од капиталот на белградската фармацевтска компанија „Галеника“ по почетна цена од 1 евро. Обврската на купувачот е да го зголеми основниот капитал на „Галеника“ со уплата на 25 милиони евра што ќе се користи за финансирање на обврските кон финансиските доверители.
Рокот за доставување пријави за учество во постапката за приватизација на „Галеника“ е 2 октомври, а понудите ќе бидат отворени на 4 октомври. Надоместокот за откуп на документацијата е околу 2.000 евра.
Услов за учество во приватизацијата е заинтересираниот инвеститор да е од областа на фармацевтската индустрија и неговите годишни приходи да се поголеми од 300 милиони евра во текот на последната година. Банките на кои „Галеника“ им должи повеќе од 71 милион евра се согласни идниот сопственик на фабриката да им исплати 25 милиони евра, со што долгот би бил откупен со дисконт.
Потенцијалните инвеститори проценуваат дека оптималниот број вработени во „Галеника“ ќе треба да се намали од 1.400 на 700 до 900 лица.