Продолжува падот на цените на становите. Народната Банка мери надолни корекции веќе пет квартали по ред. Ова го потврдуваат и од Агенциите за недвижности. Пазарот е презаситен – над 10.000 станови се непродадени само во Скопје.
НБРМ: пад на цените за 3.9% за една година
Во најновиот извештај стои дека од април до јуни 2017 во однос на истиот период лани цените на становите се намалени за 3.9%.
Сепак НБРМ очекува стабилизирање во претстојниот период, пред се поради помалата понуда во иднина.
„Наспроти двоцифрените стапки на раст во изминатите две години, во првиот квартал од годината е регистриран мал раст на изградбата на станбени згради, а забавување на годишната динамика на раст се забележува и кај издадени одобренија за изградба на станбени згради“ наведуваат од Народната банка.
Податоците на Народната банка за кредитите, пак, покажуваат дека станбените кредити во јули имале двоцифрена годишна стапка на раст од 13.7%. Граѓаните сега должат над 600 милиони евра по овој основ.
Анализите на НБРМ покажуваат дека има значителна промена на просечната цена на становите во изминатите години. Најевтини биле во 2006-та, цените се зголемувале се до 2010-та кога почнува нивното намалување. Така во 2016-та во однос на 2010-та просечната цена на квадратот била пониска за 15%. Во 2016-та во однос на 2010-та била пониска за 23%.
Катастар: над 13.000 непродадени станови
Овие податоци се совпаѓаат со оние од Регистарот на цени и закупнини што минатиот месец го објави Агенцијата за катастар, а се однесува на периодот март – јуни.
Во овој квартал во согласност со податоците од базата на катастарот на недвижности имало 3.663 новоизградени станови, кои се непродадени. Во тек на градба се 9.973 станови на целата територија Македонија или вкупно 13.636 нови стана кои се нудат на пазарот.
„Доколку условите на пазарот на недвижности останат исти подолг временски период, Агенцијата за катастар на недвижности во наредниот период очекува благ пад и стабилизација на цените на недвижностите во одредени општини, пред се поради зголемената градежна активност и значително намалената побарувачка на станови“ соопштија неодамна од Катастарот.
Агенции: пазарот ќе се стабилизира
Во агенциите за недвижности, пак, велат дека иако има намалување на цените, тие се стабилни на најатрактивните локации во Скопје. Не очекуваат во иднина да има посериозни промени.
„Цената е стабилна за добрите локации, има минимални корекции. Постои намален интерес, но тоа е само во одредени населби. Атрактивните станови секогаш се бараат“ велат во една од поголемите Агенции за недвижности.
Од друга страна во огласите на интернет каде се нудат станови и директно без посредници има илјадници активни огласи.
Според понудата најевтини стари станови има во Ченто и Топаана, а најскапи во Центар и на Водно. Така, во Ченто има станови со просечна цена за квадрат од околу 500 евра, во Топаана од 600, во Скопје Север 650, во Автокоманда и Ѓорче 700, во Аеродром и Ново Лисиче 850, во Карпош 900, а во Центар и Водно 1.000 евра и нагоре.
ДЗС: 58% од Македонците живеат во куќи, 42% во станови
Според анализите на Државниот завод за статистика 58% од домаќинствата живеат во индивидуални куќи, а 42% во станбени згради. Просечната површина на домовите е 83 квадратни метри – најголеми се во југозападниот регион со речиси 100 квадрати, а најмали во вардарскиот, нешто над 73 квадрати.
Најголем дел од куќите и становите во Македонија се изградени уште во времето на Југославија (пред 1991-та). Помалку од 1% се направени во последните 5 години.
Минатата година биле издадени 3.143 одобренија за градење, од нив 1.938 за високоградба односно за станбени и деловни објекти. Најмногу одобренија по традиција се издаваат во скопскиот регион, а потоа во полошкиот и пелагонискиот.
Во Скопје најчесто се прават двособни станови (во декември лани биле издадени 198 такви одобренија), потоа трособни (181), четирисобни (82), еднособни (34) и петособни и поголеми (19).
К. Н.