Компанијата „BMW“ ги покажа првите официјални фотографии на новиот кросовер „X2“, чија светска премиера ќе се одржи за време на автомобилскиот саем во Франкфурт во септември.
И покрај тоа што е камуфлиран, прототипот во голема мера потсетува на концептуалната верзија на моделот, претставена минатата година. Предниот и задниот дел се идентични, истото важи и за застаклувањето на возилото. Но, недостасуваат некои аеродинамични елементи, како и камерите кои кај концептот ги заменуваше страничните ретровизори.
Засега од „BMW“ не откриваат детали за новиот модел, но е познато дека тој ќе биде изграден на платформата „UKL1“ користена кај кросоверот „X1“ и компактниот „Series 2“. Новите модели на „MINI“ ја користат истата архитектура која е со преден погон, но може да работи и со систем за погон на сите четири тркала.
Се очекува серискиот „BMW X2“ да добие 3-и 4-цилиндрични бензински и дизел мотори. Верзиите со преден погон ќе бидат опремени со рачен менувач, а оние со 4х4 ќе се потпираат на автоматски менувач. Топ-модификацијата ќе биде подготвена од M-делот на баварците, а ќе добие 300 КС.
Производството на „X2“ ќе се одвива на истиот погон, на кој сега се составува „Х1“. Тоа ќе стартува кон крајот на оваа година.