Натпреварот помеѓу Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед, овие два дена ги става Скопје и Македонија во фокусот на светската јавност.
Фудбалерите на двата тима попладнево ќе пристигнат во Скопје. Прво е најавено доаѓањето на експедицијата на Манчестер Јунајтед, околу 12:55 часот. Актуелниот шампион на Лига Европа ќе престојува во „ТЦЦ Плаза“, а „црвените ѓаволи“ тренингот на Националната арена„ Филип Втори“ ќе го одржат во 17:30 часот.
Еден час подоцна, на аеродромот „Александар Велики“ ќе слета експедицијата на Реал Мадрид. Европскиот првак ќе престојува во хотелот „Александар Палас“. Тренингот на Реал е закажан за во 19:30 часот.
Пред тренинзите тренерите на двата тима, Жозе Мурињо и Зинедин Зидан, ќе одржат прес-конференции. Пресот на Јунајтед е во 16:45, а на Реал во 18:45 часот. Прес-конференциите ќе се одржат на стадионот „Филип Втори“.
За дуелот меѓу фудбалските великани владее огромен интерес. УЕФА Суперкуп натпреварот ќе се пренесува во живо во 216 земји (49 во Европа и 167 во светот), а над 280 ТВ-станици ќе го пренесуваат пред ТВ-аудиториум од неколку милијарди луѓе.