18 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБруто плати за вработување на младите, исти услови за домашните и странските...

Бруто плати за вработување на младите, исти услови за домашните и странските инвеститори

Премиерот Зоран Заев на деловниот појадок со Сојузот на стопанските комори најави обезбедување трајни работни места за младите и нивно дообразување преку бруто плата што ќе ја дава државата

“Целта на мерката вредна 500 милиони денари или 8,8 милиони евра до крајот на годинава е младите да се задржат во Македонија, односно да се спречи одливот на мозоци”, рече Заев.

“Младинската гаранција значи државата да финансира во одреден период директно пари за бруто плати на млади луѓе кои завршиле образование и се подготвени да се пуштат во тренинг или во трајно вработување. За бизнис заедницата тоа ќе значи бесплатно подготвување кадар, обучување на претходно теоретски подготвените млади луѓе, со намера, ако навистина вредат, да добијат трајно вработување и да биде искористен нивниот потенцијал”, истакна Заев во обраќањето на појадокот.

Конечна цел, дополни, е луѓето да останат овде и да планираат свои семејства во Македонија.

“Определивме квалитетни средства за оваа намена кои во најголем сегмент сакаме да ги имплементираме во бизнис заедницата, односно преку приватните компании. Ако засега проектирана сума од 500 милиони денари се мултиплицира тројно или за четири пати, бројката ќе биде огромна со единствена цел, стопанството трошковно да се растовари и да се реши проблемот на младите кои немаат ден практично искуство, како и да останат во Македонија”, објасни премиерот.

Во овој контекст побара поддршка и соработка од компаниите. Побара и да бидат похрабри во обезбедувањето нови работни места за кои државата, рече, ќе плаќа пари. Според Заев, мал дел од средствата за т.н. младинска гаранција ќе одат кај универзитетите, за доедукација на младите, а другиот, најголемиот дел, кај бизнис заедницата.

“Да изготвите добри понуди зашто не сакаме младите да бараат работа само во администрацијата. Тоа не е добро. Администрцијата е обемна и имаме намера да ја намалиме за бизнисот да има повеќе ресурси, потенцирајќи дека заминувањето на секој млад човек, Македонија ја чини околу 100.000 долари”, укажа премиерот.

Заев најави и дека во ребалансот на Буџетот првпат е отворена т.н Д6 програма за поддршка на домашното стопанство, наспроти досегашната Д5 за поддршка на странските компании.

“Тоа значи еднаков третман на сите, и на македонските и на странските компании, не само во однос на условите, туку и во делот на административните постапки каде беа привилегирани странските вложувачи”, истакна Заев.

Според него, директната државна помош за инвеститорите продолжува, но условите се изедначуваат и за странските и за домашните компании. Висината на поддршката, пак, ќе зависи од вкупниот број нови работни места, соработката со домашните фирми (купување репроматеријали, суровини, услуги,..) и бројот еколошки проекти,…

“Мерките на претходната влада во одреден момент биле злоупотребени, а во одреден момент дале ефект. Да учиме од она што било добро, да го надградиме, да го подобриме, но да го отсраниме она што било слабост”, порача Заев.

Оценка на Владата е дека даночна евазија во Македонија е огромна, до 30 отсто, дека мора да се применат мерки за борба против сивата економија и нелојалната конкуренција, како и дека се неопходни реформи на инспекциските служби.

“Наша цел е да ги наплатиме даноците, но ќе ни треба поддршка од деловната заедница да се разбереме. Првата инспекциска контрола сметаме дека треба да биде предупредување, да не дојде инспекторот со намера да казни. Никој не сака да не си ги плати давачките кон државата. Казни ќе има ако не се плати долгот, а претходно се укаже или се даде рок од 30 дена, подвлече претседателот на Владата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП