12 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЦелосна ликвидација или само манипулација – колку се реални попустите?

Целосна ликвидација или само манипулација – колку се реални попустите?

Започнува сезоната на летни попусти. Излозите се пополнуваат со натписи како: намалување до 60%; плати едно, земи две; целосна ликвидација. Но, колку е ова реално?

Дел од вработените во бутиците признаваат – распродажбите кај нас дефинитивно не се исти како во странство.

„Не се исти затоа што трговците имаат неспоредливо поголеми маржи. Слабата конкуренција остава простор за манипулирање. Кога би постоеле големи синџири кои би ги намалиле цените и би ги преземале купувачите и останатите трговци ќе мораат тоа да го следат“, признава сопственик на бутик во неврзан разговор.

Дека Македонија споредена со остатокот од Европа, па дури и со Балканот има повисоки цени и помали попусти покажува и директна споредба на производите.

На пример, ист меѓународен, шпански бренд ги нуди производите по различни цени во различни земји. На македонската верзија на нивниот интернет сајт машка јакна од вештачка кожа се нуди за 2.990 денари (49 евра), на шпанската и бугарската верзија за 46 евра. Женска чанта во земјава се продава за 1.990 денари (32 евра), во Шпанија и во Бугарија цената е 30 евра. Ова можеби е минимална разлика, но таа станува драстична при попустите и промоциите.

Истата јакна при сезонската распродажба во Скопје достигнува цена од 2.000 денари (33 евра), но во Шпанија и Бугарија се спушта и до 20 евра. Чантата овде со попуст би била 1.500 денари (24 евра, а во другите држави 15 до 20 евра.

Законот за заштита на потрошувачите има утврдено строги правила како треба да се означуваат и промовираат попустите.

„Означувањата што упатуваат на распродажба, односно на намалување на цените… треба да бидат реални и вистинити и мора да бидат изразени на еден од следниве начини: со наведување на новата цена покрај видливо прецртаната претходна цена или со наведување на зборовите ‘нова цена’ и ‘стара цена’  или со наведување на процентот на намалување на цената и наведување на новата цена покрај видливо прецртаната претходна цена“ стои во членот 12.

Но, законот оди и чекор понатаму – доколку се промовира попуст, тој мора да се однесува на најмалку една петина од сите производи, а старата цена мора да биде реална и да важела 30 дена пред почетокот на распродажбата.

Токму ова е и главното прекршување што го прават дел од трговците – ги пумпаат цените, а потоа пресметуваат попуст кој на крајот може и воопшто да не постои.

Доколку станува збор за распродажба Законот предвидува ваквите производи да бидат одвоени и јасно и на видно место да се истакне натпис дека се работи за распродажба. Доколку трговецот стави на распродажба производи со грешка мора да се истакне натпис со кој ќе се запознае потрошувачот во што се состои грешката, а доколку рокот на употреба е пред истекување мора да биде јасно и видно назначено и тоа.

Законот предвидува и казни за негово прекршување – од 100.000 до 300.000 денари. Институцијата која е одговорна за негово спроведување е Државниот пазарен инспекторат (ДПИ). Тие постапуваат по сопствена процена или по пријава од граѓани. Сомнеж за лажен попуст или друг вид на проблем може да се пријави на телефонот 02/3220-547.

Според годишниот извештај на ДПИ, лани биле извршени над 40.000 инспекциски надзори, а од нив 5.000 се однесувале на Законот за заштита на потрошувачите, но нема податоци колку од нив се однесуваат на лажни попусти или промоции.

Сепак, во Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ) велат дека оваа за разлика од претходните години не добиле поплаки за лажни промоции и попусти.

„Минатите години имавме повеќе случаи, најчесто реагираат луѓе кои се почувствувале изманипулирани. Впрочем тие биле во продавницата и пред попустот, го виделе производот по една цена, а во време на попуст им се нуди наводно со високо намалување, а чини речиси исто како и претходно. Сега граѓаните се поинформирани“ велат во ОПМ.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП