17 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПлан 3-6-9: Реформски документ значаен за иднината на Македонија

План 3-6-9: Реформски документ значаен за иднината на Македонија

Со усвојувањето на Акцискиот план 3-6-9 Владата прави чекор за сериозен пробив кон евроатлантските интеграции по долгогодишниот застој, истакна на денешната прес-конференција во Владата премиерот Зоран Заев.

“Планот 3-6-9 отвора перспективи на Република Македонија и на граѓаните кон ЕУ и НАТО кои значително ќе го подобрат квалитетот на животот во државата. Тоа што Владата го создаде овој реформски документ значаен за иднината на Македонија, само месец по формирањето и како што ветивме, отворено, инклузивно, транспарентно, со сите засегнати страни ја покажува нашата силна определеност да бидеме максимално одговорни кон обврските што ги презедовме- РМ да биде почитувана држава на достоинствени граѓани, Македонија за сите”, рече Заев на презентацијата на Акцискиот план.

Тој појасни дека именувањето на планот 3-6-9 всушност ги означува мерките и активностите што треба да се спроведат во наредните три, шест, девет месеци за придвижување на евроинтегративниот процес.

“За три месеци треба да ги заокружиме првите реформи. Целта ни е до одржување на локалните избори да обезбедиме аргументација за ЕК да ја отстрани условеноста на препораката за почеток на претпристапните преговори. За шест месеци планираме да го заокружиме вториот реформски круг. Целта ни е до Советот на ЕУ во декември 2017 да покажеме сериозни резултати во повеќе области, што ќе ја зацврстат перцепцијата за Македонија како сериозна земја-кандидатка за ЕУ. За девет месеци имаме намера да го имплементираме третиот круг реформи за до наредниот извештај на ЕК за Македонија да ги насочиме земјите-членки на Унијата кон дискусија за утврдување датум за претпристапните преговори на ЕУ со Македонија. Ова очекувам во брзо време да ги обезбеди перспективите на Македонија кон НАТО Алијансата”, рече Заев.

Тој најави демократски Парламент, реформи во судството, медиумите, борбата против корупцијата, реформи во јавната администрација, во безбедносните служни, во изборното законодавство според препораките на ОБСЕ и ОДИХР и други релевантни организации, кохабитација со претседателот на државата, соработка со граѓанското општество на рамноправна основа, преку дијалог кој ќе биде транспарентен, континуиран и инклузивен. Заев рече дека ќе се овозможи и вклучување на опозицијата во спроведувањето, надзорот и консултацијата околу мерките во планот. Според него, рефромите ќе се спроведат на принципиелна основа, инклузивно и ќе овозможат систематско решевање на проблемите, а не избрзани и половични решенија во интерес на граѓаните.

“Се работи за иднината на Македонија. Нашата работа почнува сега. Да ги удвоиме напорите. Имаме вистинска шанса РМ конечно да ја извлечеме од долгогодишната криза и суштински да ги решиме длабоките проблеми”, порача Заев.

Одговарајќи на новинарски прашања во однос на договороот за добрососедство со Бугарија, премиерот Заев посочи дека на средба на министерство ниво ќе се работи на надминување на, како што рече, уште едно мало техничко прашање од договорот, за тој целосно да се заокружи.

“Претстои период каде министрите со своите кабинети ќе одржат состанок. Се надевам дека тогаш и ќе биде решено прашањето, а пред потпишувањето имаме намера да го објавиме договорот, да отвориме дебата. Потпишувањето на договорот апсолутно ќе биде отворање врати кон евроатлантските перспективи на Македонија, но и кон зголемување на билатералната соработка меѓу двете земји”, рече Заев.

 

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП