18 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСамо 1 од 600 домови е осигурен од земјотрес – при катастрофален...

Само 1 од 600 домови е осигурен од земјотрес – при катастрофален штетата би надминала 3 милијарди евра!

Само 1 од 600 македонски домови е осигурен од земјотрес, а 1 од 400 од поплава. Околу 5% од домаќинствата имаат полиси, но најголем дел од нив не вклучуваат покривање на последици од катастрофи.

Полисите треба да се обновуваат секоја година и зависат пред се од самата градба на објектот како и од неговата местоположба.

Подрачјето на Македонија е поделено на 3 трусни зони: прва – Прилеп; втора –  Тетово, Гостивар, Кичево, Македонски Брод, Крушево, Демир Хисар, Битола, Велес; трета – Дебар, Струга, Охрид, Ресен, Куманово, Скопје, Крива Паланка, Кратово, Пробиштип, Кочани, Свети Николе, Делчево, Виница, Штип, Радовиш, Берово, Неготино, Кавадарци, Струмица, Валандово.

Дополнително, цената зависи и од годината кога е објектот изграден, т.е. за објекти изградени до 1964 година цените се повисоки отколку за објектите изградени по 1964 година.

„Цената е во зависност од типот на градбата на зградата, дали е со армиран бетон, ѕидана конструкција или дрвена конструкција… Наједноставен пример, стан од 60 квадратни метри во централно градско подрачје со вклучен ризик од земјотрес и поплава се движи од 600 – 700 до 3.500 денари“ објаснуваат од Агенцијата за супервизија на осигурувањето.

И покрај релативно ниските цени најголем дел од домаќинствата се одлучуваат да го заштитат станот или куќата само откако банките ќе го побараат тоа од нив при одобрување хипотекарни кредити.

„Најголемо влијание на интересот за осигурување има веројатноста за остварување на даден ризик, а земјотресот важи за ризик, за којшто има мала веројатност да се случи. Но, со оглед на серијата земјотреси коишто се случија лани во Скопје и годинава во Охрид очекуваме зголемен интерес“ велат во една од осигурителните компании кои нудат полиси кои покриваат и ризик од земјотрес.

Освен мала побарувачка, за осигурување од катастрофи има и мала понуда. Само неколку компании нудат полиси кои вклучуваат големи природни непогоди како поплави и земјотреси. Состојбата е подобрена во последните три години откако беше формирана „Европа ре“ од владите на Македонија, Србија и Албанија во соработка со Светската Банка. Нуди реосигурување односно производи кои ги отстапува на локалните компании.

Во рамките на проектот „Европа ре“ беше креирана и веб апликација за процена на ризик од катастрофа, вклучително и земјотрес.

Апликацијата можете да се најде на адресата www.catmonitor.com. Потребна е регистрација и креирање на профил, внесување на податоците за куќата или станот, како што се општина и улица на објектот, и самата програма го мапира местото на живеење и ризикот во конкретното подрачје.

Според анализите на Светска Банка анализи при евентуален катастрофален земјотрес во Македонија последиците би надминале 40% од Брутодомашниот производ или околу 3.2 милијарди евра. Само домаќинствата би имале вкупни штети од најмалку 1 милијарда.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП