4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПродажба и закуп на државен деловен простор по електронски пат

Продажба и закуп на државен деловен простор по електронски пат

image1

Деловниот простор во државна сопственост ќе се продава и дава под закуп преку електронска аукција. Новото софтверско решение изготвено за таа намена го презентира денеска министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, истакнувајќи дека системот овозможува целиот циклус од аплицирање до продажба или издавање под закуп на деловниот простор да се врши по електронски пат.

Преку новиот електронски систем ќе може да се продава или издава под закуп деловен простор што е во сопственост или е даден на користење на фондови, агенции, дирекции, јавни претпријатија, јавни установи, независни регулаторни тела и други институции основани од државата, трговски друштва основани од државата…

За продажба и издавање под закуп на деловниот простор институциите треба да добијат одобрување од Владата.

Почетната цена на наддавањето ќе се утврди врз основа на процената што ќе ја изврши овластен проценител или Бирото за вештачење, а продажната цена ќе зависи од интересот на понудувачите.

Министерот за транспорт појасни дека електронското јавно наддавање ќе трае најмалку 15 минути и ќе се продолжува за две минути секогаш кога во последните две минути од наддавањето ќе има нова понуда. За да можат да наддаваат заинтересираните треба да бидат најавени на системот во тек на јавното наддавање. Секој учесник во наддавањето ќе ги гледа сите понуди, но со кодирани имиња на другите наддавачи. Процесот ќе заврши кога во последните две минути од наддавањето ќе нема нова понуда.

Според Јанакиески, електронскиот систем генерира записник за одржаното наддавање што ќе се испраќа до сите учесници на наддавањето што, како што рече, значи дека секој ќе има транспарентен увид.

– Придобивките од воведувањето на електронскиот систем се повеќекратни и за граѓаните и за институциите. Ќе се засили транспарентноста, се поедноставува добивањето информации и нотификации за целиот тек на продажба и издавање под закуп на деловен простор, а се обезбедува и анонимност на учесниците во електронската аукција во тек на наддавањето, појасни Јанакиески.

Институциите, пак, како субјекти кои ќе го користат системот ќе имаат електронска архива на продадени деловни простории и централизирана база на податоци за продажбата и издавањето на деловниот простор.

– Со ова ќе се зголеми ефикасноста во работењето и ќе се подобри контролата на целиот процес, истакна министерот за транспорт.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП