Денеска официјално стапува на сила укинувањето на роамингот за сите корисници на мобилни телефони во земјите на ЕУ. Ваквото олеснување, за жал, не важи и за македонските граѓани, кои и понатаму ќе плаќаат поскапи сметки кога се во странство. Новата регулатива на роамингот е само за земјите на ЕУ/ЕЕА, така што Македонија не спаѓа во регулативата.
Олеснувањето што од денеска почнува да се применува во земјите во ЕУ предвидува корисниците во роаминг или во мобилните мрежи во странство да плаќаат цени од своите тарифи во матичните земји. Сепак, познавачите предупредуваат на претпазливост при трошењето на мобилниот интернет и советуваат корисниците да користат бесплатен wi-fi онаму каде што е возможно.
„Ако во вашата земја имате неограничена тарифа за податоци и евтина мобилна тарифа за податоци, вашиот оператор може да примени ограничување на податоците во текот на роамингот. Ако е тоа случај, операторот мора претходно да ве извести и да ве предупреди“, советуваат од Европската комисија.