18 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВести од светот

Вести од светот

najnovi-vesti1

 

Подгорица – Црна Гора може да очекува тешко и неизвесно лето кога е во прашање снабдувањето со електрична енергија, ако не се реши проблемот со „Комбинатот за алуминиум Подгорица“ (КАП), бидејќи нема да постои можност за увоз и извоз на струја, соопшти „Црногорскиот електропреносен систем“ (ЦЕС). Компанијата информира дека во тек е процес на утврдување на капацитети за увоз и извоз на струја во претстојниот период, а снабдувачите и трговците до крајот на неделата и официјално ќе бидат запознаени со ограничувањата на системот во Црна Гора.

Букурешт – Американскиот нафтен гигант „Шеврон“ доби дозвола за истражување на гас од шкрилци на романскиот брег на Црно Море, соопшти романското Министерство за животна средина. – Агенцијата за заштита на животната средина на Костанца издаде дозвола за истражување на блоковите Костинести и Вама Веке, соопшти Министерството. Дозволите ќе му овозможат на „Шеврон“ да спроведе контролирани експлозии на длабочина од 10 до 15 метри во областа која се простира на површина од 1.800 квадратни километри.

Брисел – Европската комисија предложи воведување на строги антидампинг царини на околу 47 отсто од увозот на кинески соларни панели, сооппти извор во Европската унија. – Започна процес на консултации за да се види дали државите на ЕУ се согласуваат со предлогот. Одлуката се очекува на 5 јуни, наведе изворот. Европската асоцијација „ЕУ ПроСан“ апелираше ЕУ да преземе акција против кинеските производи, за кои вели дека во Европа се продаваат под нивната реална цена со неправеди субвенции на Пекинг. Претседателот на „ЕУ ПроСан“, Милан Ниче рече дека дампингот е основен проблем на европскиот соларен пазар.

Луксембург – Генералниот директор на металуршкиот гигант „Арселор Митал“, Лакшими Митал изјави дека компанијата во првото тримесечје од оваа година забележала пад на активноста поради слабата побарувачка за челик во Европа, како и намалувањето на цените на железната руда. Најголемиот светски производител на челик за 2013 година очекува зголемена светска побарувачка од три отсто, но и пад во Европа за 0,5 отсто до 1,5 отсто, каде побарувачката лани веќе ослабе за девет отсто.

Берлин – Германскиот телекомуникациски гигант „Дојче телеком“ ја потврди прогнозата за 2013 година. Во првиот квартал од оваа година профитот на компанијата пред одбивање на каматите и данокот опаднал за 4,3 отсто на годишно ниво на 4,29 милијарди евра, благо надминувајќи ги очекувањата на аналитичарите. Приходите, истовремено, се намалени за 4,5 отсто на 13,78 милијарди евра, што е нешто полош резултат во однос на прогнозата на аналитичарите. Од друга страна, нето профитот е зголемен за 3,5 отсто на 564 милиони евра, иако аналитичарите очекуваа заработка од 600 милиони.

Берлин – Даночните приходи на Германија оваа година треба да бидат помали од претходните прогнози, но Владата и натаму е на пат да го урамнотежи буџетот до 2014 година, изјави германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле. Според проценките на Комисијата на економски експерти, вкупните приходи од данокот на водечката европска економија треба да достигнат 615 милијарди евра во 2013 година, што е за 2,8 милијарди евра помалку во однос на претходната проценка од октомври 2012 година. Меѓутоа, прогнозираната бројка и натаму е за 2,5 отсто поголема во однос на 600 милијарди евра, колку што лани се слеале во буџетот.

Виена – Една од најголемите банки во Австрија „Банк Острија“ (БА), се најде на удар на хакери, кои, како што е соопштено, го нападнале нејзиниот систем за итернет банкарство. БА истакна дека во текот на викендот биле хакирани протоколи за активности на клиенти кои имаат онлајн налози. – Хакерскиот напад за викендот е успешно одбиен, рече шефот на БА Вилбалд Чернко, наведувајќи дека е најважно тоа што хакерите во ниту еден момент немале пристап до податоците на клиентите, ниту можеле да пристапат до нивните парите. Банката не сакаше да соопшти колку од вкупно 700.000-те клиенти што користат он-лајн банкартсво, биле на удар на хакерите, но истакнува дека се работи за голем број.

Мадрид – Бројот на шпанските компании кои поднеле барање за банкрот порасна за над 20 отсто во првиот квартал од оваа година, бидејќи длабоката рецесија се посилно ја разорува шпанската економија, која е четврта по големина во еврозоната. Барање за стечај во првите три месеци поднеле 2.854 компании, што е за 22,8 отсто повеќе во однос на истиот период во 2012 година и за 10,4 отсто повеќе во однос на претходниот квартал, соопшти Националниот институт за статистика. Една четвртина компании поднеле барање за банкрот од градежниот сектор, 17,1 отсто од комерцијалниот сектор, а 16,3 отсто од индустрискиот и енергетскиот сектор, се додава во соопштението на Институтот.

Пекинг – Кина во април повторно оствари трговски суфицит, по неочекуваниот дефицит претходниот месец, покажаа официјалните податоци во Пекинг, меѓутоа аналитичарите предупредуваат дека оптимистичките резултати можеби не се сосема реални. Второто по големина светско стопанство минатиот месец имаше трговски суфицит од 18,2 милијарди долари, наведува кинеската Управа на царината, а резултатот ја надмина прогнозата на аналитичарите кои очекуваа суфицит од 15,6 милијарди. Увозот во април е зголемен за 16,8 отсто на годишно ниво на 168,9 милијарди долари, додека извозот порасна за 14,7 отсто на 187,1 милијарда долари. Пекинг во март во трговијата со странство забележа дефицит од 880 милиони долари.

Токио – Јапонскиот производител на автомобили „Тојота“ соопшти дека нејзиниот нето профитот во фискалната година која заврши во март е зголемен тројно на 9,7 милијарди јени, додавајќи дека и оваа година очекува добри резултати. Јапонскиот гигант во тек на минатата фискална година заработил 962,1 милијарда јени (9,7 милијарди долари) во однос на 283,5 милијарди јени во претходната година, а приходите истовремено се зголемени за 18,7 отсто на 22 билиони јени. „Тојота“ во соопштението додава дека во тековната фискална година очекува нето профит од 1,37 билиони јени, поради силната побарувачка на клучните азиски пазари и во САД.

Велингтон – Растот на пазарот за недвижности во најголемите градови во Нов Зеланд се заканува да го дестабилизира финансискиот сектор на земјата, предупреди централната банка во Велингтон. Банката наведува дека ниските каматни стапки и зголемениот оптимизам на глобалните финансиски пазари резултираа со раст на кредитирањето на домаќинствата во последните шест месеци, давајќи поттик на пазарот за недвижности. Централната банка наведува дека проблемот најмногу се забележува во најголемиот град во Нов Зеланд, Окланд, каде цените на становите се на речиси рекордно ниво, како и во Крајстчерч, каде обновата по земјотресот од 2011 година ја поттикна побарувачката на станови.

Лос Анџелес – Нето профитот на компанијата „Волт Дизни“ во првиот квартал од оваа година е зголемен за 32 отсто на годишно ниво, на 1,51 милијарда долари или 0,83 долари по акција. Во истиот лански квартал, профитот на Компанијата беше 1,14 милијарди долари или 0,63 долари по акција. Приходите во истиот период пораснале за 10 отсто на 10,55 милијарди долари.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП