24 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСубвенции: сметките празни – Финансии ја чека одлуката од Уставен

Субвенции: сметките празни – Финансии ја чека одлуката од Уставен

Сметките на земјоделците се уште празни. Министерството за финансии не го добило известувањето од Уставниот Суд со кое се одмрзнува исплатата на субвенциите.

„Треба да ја видиме одлуката и да видиме кога ќе биде објавена. Доколку не е спорна и ако не постои законска пречка ќе може да се почне со исплата. Буџетот е ликвиден… Во моментов не постои потреба од ребаланс, како ни од Еврообврзница“ изјави министерот за финансии Кирил Миновски.

Земјоделците велат дека државната поддршка им е попотребна од кога било досега поради штетите предизвикани од лошите временски услови.

„Можно е да купуваат време неколку дена со тоа дека не дошла одлуката од Уставниот суд, но ако има пари очекуваме за два до три дена да почне исплатата“, смета Ристо Велков, од Сојузот на синдикати на земјоделците.

„Не ја знам процедурата околу одлуката, но мислам дека исплатата треба да почне во најкус рок и според планот на Платежната агенција: прво да се исплатат житарките, полјоделството, па потоа градинарството и на крајот е сточарството. Не е битно дали ќе задоцнат пет или десет дена најважно е земјоделците да ги добијат субвенциите иако со задоцнување“, изјави Ефтим Шаклев, претседател на Асоцијацијата на земјоделци.

Уставниот суд вчера донесе времена мерка со која се овозможи исплата на субвенциите до донесување на конечна одлука. Поведена е постапка за оценување на уставноста на еден член од Изборниот законик и уште еден од Законот за спречување на корупцијата.

Од Уставен нема информации кои судии како гласале, но самата расправа откри дека има сериозни несогласувања меѓу нив.

„Овие одредби се несреќни решенија. Тие го ограничуваат стекнатото право на граѓаните да користат субвенции и со нив се доведува во прашање остварувањето на легитимното очекување на земјоделците кои инвестирале во земјоделското производство“, рече судијата Владимир Стојановски.

„Во минатото исплатата на субвенциите често се користеше за влијание врз политичките преференции и гласањето на земјоделците, па со овие одредби се настојуваше токму тоа да се избегне“, смета судијката Наташа Габер Дамјановска Дамјановска.

Иницијатор на предлогот за укинување на забраната за исплата на субвенции беше Земјоделското здружение „Агротиквешија“.

Судот има рок од 15 до 30 дена да донесе конечна одлука, но во меѓувреме исплатата може да почне поради донесената времена мерка.

Земјоделците ги чекаат парите веќе 7 месеци. Државата им должи околу 95 милиони евра за 2016, но и за 2015 и 2014 година.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП