Италијанската автомобилска марка која е во сопственост на „FIAT“ моментално работи само на домашниот пазар, а нејзината гама е сведена на само еден модел – „Ypsilon“.
Во последните неколку години, за жал на бројните фанови на овој производител на автомобили, сведоци сме на тивкото гасење на брендот „Lancia“.
Прво во 2014-та и 2015-та престанаа со производство на моделите „Delta“, „Thema“ и „Voyager“ (последните два практично беа автомобили на „Chrysler“ со значката на „Lancia“), за потоа компанијата да најави постепено повлекување на сите од европските пазари, освен на италијанскиот.
Иако „Lancia“ нема издадено официјално соопштение, сите интернет страни во земјите како што се Германија, Франција, Холандија, Шпанија, Швајцарија и другите големи европски авто-пазари, практично се отстранети во текот на минатиот викенд.
Посетителите се упатуваат на интернет страни наменети на сопственици на половни возила на оваа марка – ако веќе поседуваат „Lanciа“, или им препорачуваат некои други брендови од компанијата „FIAT-Chrysler“, доколку се заинтересирани за купување на ново возило.
Во функција и натаму е италијанската интернет страна, со специјална понуда на единствениот модел – „Lancia Ypsilon“, која важи до крајот на мај. Каква ќе биде судбината на брендот „Lancia“ на домашниот пазар, останува да се види.
Најверојатно, наскоро ниту во Италија нема да може да се купи нова „Lancia“, па на љубителите на овој бренд им преостанува единствено со носталгија да се присетуваат на некои од легендарните модели од историјата на овој производител, како што се „Stratos“, „Delta“, „Gamma“ и други.