19 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКако до помали сметки? Годишна заштеда од 10 евра со замена на...

Како до помали сметки? Годишна заштеда од 10 евра со замена на само една светилка!

Пресметките покажуваат дека штедливите светилки се навистина штедливи. Ако споредиме обична од 100 W и LED од 23 W која зрачи иста светлина годишната заштеда достигнува 10 евра!

Под претпоставка дека светилките се вклучени по 5 часа на ден, за една година ќе светат по 1.825 часа.

Класична светилка ќе потроши околу 182 kWh, што по моменталната цена од 4.46 денари изнесува 801.72 денари годишно.

Штедлива светилка годишно ќе потроши околу 42 kWh,што по цената од 4.46 денари изнесува 187.32 денари.

Оваа едноставна математика покажува дека со замена на само една светилка годишната заштеда изнесува 614.4 денари или 10 евра!

Ако земеме предвид колкава е заштедата и колку чини една штедлива светилка, можеме слободно да донесеме заклучок дека инвестицијата се враќа за помалку од една година.

Кои се другите предности освен помалите сметки?

ЛЕД светилките имаат повеќе предности: ниски трошоци и заштеда на енергија, потрајни се и до 30 пати од обичните (имаат животен век од 30.000 часа), имаат опција за регулирање на јачината на светлината. Недостатоци се високата цена и недостапноста во сите форми и големини.

Халогенките користат гас за производство на светлина со помалку електрична енергија. Предности од нивно користење: имаат најниска цена од новите технологии, опција за регулирање на јачината на светлината, ист изглед и форма како и традиционалните сијалици. Недостатоци: недоволно ефикасни (само 20% помала потрошувачка на енергија) како и краток рок на користење (околу 2.000 часа).

Флуоресцентните сијалици познати и како CFL заштедуваат најмногу енергија (до 80%). Предности: најголема заштеда, долг животен век (10.000 часа). Недостатоци: потребни им се околу 2 минути да достигнат 100% од нивната светлина, немаат опција за регулирање на јачината, оставаат траги од жива и треба да се внимава при нивно отстранување.

„Обичните“ светилки само 5% од потрошената електрична енергија ја претвораат во светлина, а останатите 95% во топлина и не траат повеќе од 1.000 часа.

Малку домаќинства користат штедливи светилки!

Со новите технологии на светилки може да се потроши и до десетина пати помалку енергија, а да се постигне истиот ефект.

Сепак, според Државната статистика само во 3.5% од домаќинствата има барем една ЛЕД, а во 39.4% барем една флуоресцентна светилка.

Во земјите – членки на Европската Унија веќе пет години не се произведуваат и продаваат старите, обични светилки. Процесот се одвиваше во неколку фази, први беа повлечени најсилните од 100 и 120 W а последни најслабите од 25 W.

Енергетската ефикасност значи заштеда но не и одрекување

Мора да се направи разлика помеѓу заштедата на енергијата и енергетската ефикасност, објаснуваат експертите. Штедењето на енергијата секогаш подразбира одредено одрекнување, додека енергетската ефикасност донесува зголемување на квалитетот на животот.

„Она што му е заедничко за овие два термина е намалување на енергетските трошоци. Но затоа начинот на ова намалување е суштински различен – со енергетската ефикасност не го намалуваме комфорот на нашето живеење или пак не го загрозуваме производниот процес. Од друга страна доколку штедиме енергија тоа не може без намалување или загрозување на веќе достигнатиот комфор на живеење или пак без да го намалиме квалитетот на производството“ вели професорот Константин Димитров, претседател на Центарот за енергетска ефикасност на Македонија.

Неефикасна Македонија – три пати повеќе енергија за истиот резултат

Македонската економија е далеку понеефикасна од европскиот просек. На 1.000 евра додадена вредност во земјава се вложуваат 340.5 кгне (нормализирана единица енергија), а на ниво на Европската Унија се вложуваат 122 кгне. Ова го покажуваат податоците од публикацијата „Одржлив развој“ на Државниот завод за статистика (ДЗС).

Единствено Естонија, Србија, Бугарија и Исланд имаат полоши перформанси од Македонија.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП