Федералните резерви на САД ги задржа каматните стапки непроменети во средата и го минимизираше слабиот економски раст во првиот квартал, додека ја истакна силата на пазарот на трудот, давајќи знак дека се насочува кон две зголемувања на каматите оваа година, пренесоа агенциите.
Во изјава по завршувањето на дводневниот состанок централната банка исто така, објави дека потрошувачките трошоци продолжуваат да бидат стабилни, бизнис инвестициите се стабилизираа, а инфлацијата „се приближува“ до целта на ФЕД.
„Комисијата смета дека забавувањето на растот во првиот квартал можеби е привремен феномен“, објавија од Федералните резерви.
Пазарот на труд продолжува да се засилува, дури и додека растот на економската активност се забавува и „темелите кои стојат во основата на тековниот раст на потрошувачката, остануваат стабилни“, се дополнува во соопштението.
Федералните резерви ја зголемија референтната каматна стапка за време на последната средба во март до нивото од 0,75 – 1%.
Пред средбата оваа недела повеќето претставници на ФЕД јасно ставија до знаење дека за разлика од претходните години, централната банка се чувствува сигурна во својата прогноза за двете претстојни зголемувања во 2017-та година.
Потврдата на Федералните резерви дека останува оптимист во однос на економскиот раст и плановите за зголемување на каматите го поддржаа доларот во однос на еврото и јенот.