2 мај, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОМакедонија ќе атакува на победа против Исланд

Македонија ќе атакува на победа против Исланд

Ракометната репрезентација на Македонија вечерва ќе го пречека Исланд, во рамките на квалификациите за пласман на Европското првенство во Хрватска.

Македонија и Исланд последен пат играа во јануари годинава, на Светското првенство во Франција, натпреварот заврши 27:27, двете репрезентации минаа во осминафиналето, каде потоа загубија од Норвешка (Македонија), односно Франција (Исланд).

Од поблиското минато, свежи се поразите на „црвени-жолтите“ на Мундијалот во Шпанија во 2013 (19:23) и на Европското првенство во 2014 година (27:29). Колку и традицијата на меѓусебните дуели да е на страната на Исланд, ракометните фанови во земјава се сеќаваат на бараж двомечот, кога Македонија преку Исланд обезбеди пласман на Светското првенство во Хрватска.

Од тој двомеч, Македонија стана редовен учесник на големите натпреварувања (светски и европски првенства).

Исланд е тим составен од играчи кои во најголем дел играат во Германија, играчи кои поседуваат огромно искуство, но многу нешта во играта зависат од Арон Палмарсон, играчот на Веспрем, кој поради повреда не играше на Мундијалот во Франција.

На клупата на македонската селекција на овој меч ќе дебитира Шпанецот Раул Гонзалес.

Тренерот на Вардар пред еден месец го наследи на функцијата Лино Червар кој спогодбено се раздели со македонската селекција и ја презеде Хрватска.

Гонзалес, во средата, ги одреди играчите кои ќе му се спротивстават на Исланд, од списокот на 19 играчи отпаднаа играчите Велковски и Поповски и голманот Томовски.

Билетите за вечерашниот дуел во „Борис Трајковски“, кој започнува во 20 часот се распродадени.

Македонија и Исланд по два натпревари имаат по победа и пораз, додека во Групата 4 води Украина со две победи и пораз. Украинците синоќа славеа над Чешка 26:23.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП