Британско-холандската компанија, „Unilever“ планира откуп на акции во вредност од 5 милијарди евра и продажба на својот бизнис со прехранбени производи за мачкање. Намерите се дел од напорите на компанијата да ја задржи својата независност, откако ја отфрли понудата за купување од „Kraft Heinz“.
Сопственикот на сапуните „Dove“ и мајонезот „Hellmann“ ја зголемува својата цел за штедење на трошоците и презема чекори за да ја зголеми дивидендата по стратешки преглед, наметнат од несаканата понуда за купување за 143 милијарди долари која американската компанија ја отфрли во февруари два дена по нејзиното претставување. „Unilever“ планира да ги намали трошоците за рекламирање и ќе скрати неименуван број на работни места.
„Реструктуирањето и промените се само дел од животот во нашата индустрија“, рече главниот финансиски директор Греам Пикетли во интервју.
Декларираните промени се „доволни за да го поддржат последното поскапување на акциите, но не се доволни за да ја поддржат идната измена на рејтингот“, коментира аналитичарот од „Natixis“, Пјер Тегнер.
Бизнисот со производи за мачкање ќе биде продаден или реструктуиран, вели компанијата. Подготвува и интегрирање на бизнисите за храна и освежителни пијалоци во единица која ќе биде базирана во Холандија. Компанијата размислува и за поедноставување на двојната правна структура, во која таа е јавно претпријатие како во Велика Британија, така и во Холандија.
„Unilever“ предвиде „многу голем“ интерес кон бизнисот со производи за мачкање од фондови за приватен капитал, вели Пикетли, но не именува имиња. Компанијата е убедена дека може да го продаде бизнисот за соодветна цена, додава тој.
Промените ќе доведат до некои кратенки на позиции во високиот и средниот менаџмент, дополнува главниот финансиски директор. Компанијата очекува и заштеди од активностите за јавни набавки и маркетинг. Меѓу другите промени се и план за намалување на бројот на реклами со 30%, вели тој.
„Unilever“ ја зголемува и целта за заштеда на трошоците до 6 милијарди евра од 4 милијарди евра и додава дека дивидендите исто така ќе биде зголемени за 12%. Компанијата очекува да се намалат трошоците за 3,5 милијарди евра од 2017-та година до 2019-та година, како резултат на мерките за подобра ефикасност.