
Компанијата во сопственост на „Google“ ја објави новата услуга за стриминг на телевизиски канали.


Компанијата во сопственост на „Google“ ја објави новата услуга за стриминг на телевизиски канали.
Пакетот чини 35 долари месечно и засега е достапен само во Њујорк, Лос Анџелес, крајбрежјето на Сан Франциско, Чикаго и Филаделфија. Компанијата ќе додаде и уште градови кон своето портфолио во блиска иднина, пренесува „CNN“.
Услугата е наменета за оние кои не сакаат да плаќаат за традиционалните кабелски пакети. Предлогот на „YouTube“ е два пати поевтин од просекот на кабелска телевизија во САД, а освен тоа може да биде прекинат од страна на корисникот во секое време.
Пакетот на „YouTube“ ги вклучува каналите на „Bravo“, „FX“, „ESPN“ и „Fox Sports“. Корисниците ќе имаат пристап и до ексклузивни емисии и филмови преку „YouTube Red“ – ослободениот од реклами канал на компанијата.
Од „Google“ велат дека наскоро во пакетот ќе се приклучат и „AMC“, „BBC America“, „IFC“, „Sundance TV“, „WE tv“ и „BBC World News“.
Американските клиенти на услугата ќе можат да гледаат емисии на сите уреди, а пакетот вклучува и облак простор без лимит на меморијата, кон што одат шест акаунти.
„YouTube TV“ ќе се натпреварува со други стриминг услуги како „Sling TV“ и „DirectTV Now“, сопственост на телекомуникацискиот гигант „AT & T“.
Претходно оваа година извршниот директор на „YouTube“, Сузан Војчички посочи дека секој ден корисниците во светот трошат 1 милијарда часа на „YouTube“. Според неа, новата генерација не гледа телевизија на традиционалните канали.