4 јули, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАПад на телефонијата – намален бројот на мобилни и фиксни претплатници

Пад на телефонијата – намален бројот на мобилни и фиксни претплатници

Пад на телефонијата. Минатата година завршила со значителен пад и на фиксните и на мобилните претплатници, а минимален раст кај корисниците на интернет и на кабелска телевизија. Најчесто пријавуван проблем во Агенцијата за електронски комуникации минатата година биле високите сметки, по што следат приговорите за неквалитетна или ненавремена услуга, како и прекини во врските.

Пад од 7.25% кај мобилните претплатници

2016-та завршила со 2 милиони и 49 илјади претплатници на мобилен телефон што е за 160 илјади или 7.25% помалку во однос на 2015-та, покажуваат податоците на штотуку објавениот годишен извештај на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК).

Околу половина од броевите се при пеид а половина пост пеид.

По спојувањето, Оне.Вип го надмина Македонски телеком во бројот на претплатници, 51% се кај новоформираниот оператор, а 49% кај Т-Мобиле односно Телеком.

Просечно еден претплатник остварува по 108 телефонски повици месечно, најголем дел (74%) во сопствената мрежа.

Пад од 1.6% кај фиксните претплатници

Пад има и во сегментот на фиксна телефонија – бројот на линии се намалил за 6 илјади односно за 1.6% до 366 илјади. Од нив 323 илјади се кај домаќинствата, а 43 илјади кај деловните субјекти.

Според податоците на АЕК 60% од фиксните линии се кај Македонски телеком, 28% кај Оне.Вип, а останатите кај помалите оператори.

Минимален раст на корисниците на интернет

Минатата година завршила со раст од 0.9% кај интернет корисниците. Нивниот број достигнал 1 милион и 159 илјади.

Според регистарот на АЕК во Македонија има 97 субјекти кои нудат интернет услуги.

41% од корисниците на широкопојасен интернет се во мрежата на Македонски телеком, 26% во Оне.Вип, 16% во Роби (Телекабел).

Зголемување на претплатниците на кабелска

Зголемување од 2.5% има кај кабелските телевизии, минатата година завршила со речиси 385 илјади корисници.

Во Македонија има 60 оператори кои нудат кабелска. Најголем удел во пазарот има Оне.Вип со 31%, следи Македонски телеком со 27%, па Роби (Телекабел) со 21%. Другите имаат многу мало учество.

Во 2016-та над 8.000 поплаки до АЕК

Најчесто пријавуван проблем во Агенцијата за електронски комуникации минатата година биле високите сметки, по што следат приговорите за неквалитетна или ненавремена услуга, како и прекини во врските.

Во контакт центарот 190 на АЕК лани имало 8.410 повици, за 982 е поведена постапка за спор, а повеќе од 85% од нив се затворени.

Анализите покажуваат дека 20% од пријавите биле за услуги во говорната мобилна телефонија, а на второ место се споровите за интернет услугите во мобилната телефонија со околу 18%.

На бројот 190 сите корисници на услугите на телекомуникациските оператори можат да пријават евентуални проблеми со она што е во доменот на електронските комуникации: мобилната и фиксна телефонија, мобилeн и фиксeн интернет и телевизијата во земјава.

Контакт центарот во АЕК функционира од 2010 година со цел да се обезбеди подобра комуникација со корисниците на телекомуникациски услуги.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП

NEWSLETTER

Добивајте вести на e-mail

Бидете во тек со најновите вести од Денар