Нов онлајн систем кој ќе ги следи депозитите и поднесените даночни пријави, влегува во сила од денес во Грција, соопштува грчкото издание „Катимерини“. Целта е да се намалат случаите на даночно затајување.
Системот ќе ги одвојува примарните депозити од повторно депонираните пари и обновените финансиски услуги на грчките даночни обврзници. Потоа ќе се споредуваат примарните депозити со податоците за платен данок на доход и ќе се бараат големи нееднаквости кои укажуваат за прикриен приход.
Тестовите на системот за мониторинг биле успешни, но некои инспектори изразиле сомневање дека тој ќе биде ефективен, додава весникот.
Првично системот ќе се користи за анализа на 1,27 милиони даночни обврзници, со чии депозити располага Министерството за финансии. Тие се селектирани од различни извори, врз основа на различни критериуми за ризик, дополнува новинската агенција „Ana Mpa“, повикувајќи се на соопштението на Министерството за финансии.
Пресметките на Атина се дека со помош на новиот систем ќе се зголемат даночните приходи и така земјата ќе успее да ги исполни барањата на доверителите за буџетски суфицит од 3,5% во 2018-та година.
Новиот систем всушност ќе ги надгради сите методи кои и во моментов ги користат даночните служби во Грција, за да го следат даночното затајување. И покрај напорите сепак пресметките на „EY“ покажуваат дека годишно грчките даночни обврзници штедат меѓу 6 и 9% од бруто домашниот производ или 11 – 16 милијарди евра.
Извори на „Катимерини“ тврдат дека се подготвуваат и други механизми за борба против даночното затајување. Ќе биде формирана ново единица под менаџментот на финансиското обвинителство во земјата, во кое ќе учествуваат околу 200 инспектори. Оваа нова единица ќе ги извршува наредбите на обвинителите.
Сериозни мерки за ограничување на затајувањето на даноците беа побарани и од кредиторите на Грција.