27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНајбогатите финансиери во светот

Најбогатите финансиери во светот

Неодамна списанието „Forbes“ ја објави годишната листа на најбогатите луѓе во светот. Интересен факт е дека само еден од десетте најбогати на планетата го има стекнато своето преку инвестиции: Ворен Бафет.

Еве ги десетте најбогати луѓе во светот на финансиите:

10. Стив Коен

Богатството на Коен се проценува на 13 милијарди долари. Тој се смета за еден од најдобрите портфолио менаџери во историјата, а неговата компанија денес управува со средства во вредност од 11 милијарди долари.

9. Томас Петерфи

Неговото богатство денес изнесува 13,8 милијарди долари, со што тој е сметан за еден од најбогатите имигранти во САД. Тој е роден во Унгарија, но во 1965-та година се населува во САД, каде ја основа и до денес ја раководи „Interactive Brokers“.

8. Абигејл Џонсон

Џонсон поседува 14,4 милијарди долари, со што е лидер меѓу најбогатите жени во областа на финансиите. Денес таа е претседател и извршен директор на „Fidelity Investments“. Завршува Харвард во 1988-ма година, по што се приклучува на компанијата, која ја основал нејзиниот дедо.

7. Карл Ајкан

Тој е еден од највлијателните инвеститори на Волстрит. Богатството му се проценува на 16.6 милијарди долари. Ајкан е еден од најголемите инвеститори кои чекаат сериозен пад на пазарот во САД, а кратките позиции за моментов влијаат негативно на неговите штедачи, но наскоро тоа може и да се промени.

6. Реј Далио

Далио е основач на „Bridgewater Associates“, која управува со средства во вредност од 160 милијарди долари. Инвестициската компанија е причината денес тој да располага со лично богатство од 16,8 милијарди долари.

5. Џејмс Симонс

Своето богатство Симонс го должи на хеџфондот кој е основан од него – „Renaissance Technologies“. Во 2016-та година тој постигна принос за инвеститорите од 21.5%. Токму доброто претставување му носи на Симонс и добри провизии, а неговото богатсво денес веќе е над 18 милијарди долари.

4. Алуалид бин Талал

Саудискиот принц Алуалид бин Талал поседува 18.7 милијарди долари, според оценка на списанието „Forbes“. Тој, сепак, поднесе тужба против магазинот, тврдејќи дека го потценува неговото богатство. Принцот поседува инвестиции во големи компании, меѓу кои „Twitter“ и „Citigroup“.

3. Џозеф Сафра

Бразилскиот банкар ја поседува осмата по големина банка во земјата „Banco Safra“ која пак, од своја страна, му носи богатство од околу 20,5 милијарди долари, според последните податоци.

2. Џорџ Сорос

Вториот најбогат финансиер е Џорџ Сорос и поседува 25,2 милијарди долари. Човекот познат по прекарот „човекот кој ја победи англиската централна банка“, е шеф на „Soros Fund Management“.

Иако е во напредната возраст, кога тој зборува, сите молчат и слушаат. Но, секој прави и грешки, нели? Се проценува дека Сорос изгуби барем 1 милијарда долари од победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД, бидејќи ја поддржуваше Хилари Клинтон.

1. Ворен Бафет

Денес тој е вториот најбогат човек во светот со богатство од 75.6 милијарди долари. Ја раководи „Berkshire Hathaway“, со која има вложено во различни компании, како „Coca Cola“, „IBM“, „Apple“, „Wells Fargo“, „Goldman Sachs & Co.“ и други.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП