Најнови вести од светот 02.05.2013
Атина – Четири кандидати се заинтересирани за купување на 51 отсто акции во државниот солунски водовод (EYATH), јави грчката новинска агенција АНА. Грчката агенција за приватизација ХРАДФ соопшти дека првата фаза на тендерот е завршена и дека понудите на кандидатите, чиј идентитет не е откриен, ќе бидат разгледани. Продажбата на EYATH која треба да заврши оваа година е дел од долгата листа на приватизација која во Грција ја наметнаа меѓународните кредитори во замена за пуштање на кредити.
Белград – Вкупната надворешнотрговска размена на Србија за периодот јануари-март изнесувала 7,67 милијарди долари, што е раст од 8,6 отсто во однос на истиот период претходната година, објави Републичкиот завод за статистика. Извезената стока е во вредност од околу 3 милијарди долари, што е раст од 22,7 отсто, а увезената стока е во вредност од 4,7 милијарди, што е повеќе од 1,1 отсто. Дефицитот изнесува 1,68 милијарди долари и намален е за 23,1 отсто во однос на истиот период претходната година. Покриеноста на увозот со извозот изнесува 64,1 отсто и е поголема од покриеноста во истиот период лани, кога изнесувала 52,8 отсто.
Загреб – Хрватските компании плаќаат дури 572 парафискални даноци, што според некои пресметки, годишно одзема и до 1,5 отсто од приходите, пишува Јутарњи лист. До тој податок дошле во владата кога преку своите работни групи почнаа да ја чешлаат инвестициската клима во земјата. – Листата на неоданочените давачки е значително поголема од даночените. Тука има се, од давачки за разни агенции, преку давачки кои ги креираат локалните и регионалните власти, па се до тие кои ги креираат министерствата – изјавија за Јутарњи лист соговорници од владините кругови.
Трст – Џенерали група гледа со оптимизам на работењето за оваа година, по значајните чекори преземени во 2012 година, за зголемување на профитабилноста и значајното фокусирање на основниот бизнис. Соопштија директорите на таа компанија. – Бидејќи 2012 година ја завршивме со силно последно тромесечје, оваа година ја почнавме на ист начин и со верба гледаме на остатокот од годината – изјави генералниот директор на групата, Марио Греко, на годишното собрание на акционери во Трст. Според податоците претставени на собранието, Џенерали групата лани остварила нето профит од 90 милиони евра, што е значително намалување во споредба со претходните години.
Берлин – Малопродажбата во Германија во март е намалена, но не со толку остро темпо како што очекуваа аналитичарите, покажаа официјалните податоци во Берлин. Според податоците на Сојузниот завод за статистика, малопродажбата минатиот месец падна за 0,5 отсто во однос на февруари. Аналитичарите кои учествуваа во анкетата на агенцијата Дау Џонс њусвајерс очекуваа нешто поголем пад од околу 0,6 отсто, откако во февруари малопродажбата е намалена за исто толку.
Париз – Цените на индустриската стока на францускиот пазар останаа стабилни во март оваа година, во однос на претходниот месец, по зголемувањето од 0,5 отсто во февруари, објави францускиот Институт за статистика и економски истражувања ИНСЕЕ. На годишно ниво, овие оценки пораснаа за 1,9 отсто. Аналитичарите за март во просек очекуваа пад од 0,1 отсто, додека предвидувањата одеа од минус 0,3 до плус 0,3 отсто.
Париз – Бројот на почнатите градби на станови во Франција во првото тромесечје оваа година порасна за 2,5 отсто, објави француското Министерство за екологија, енергија и одржлив развој. Само во март, растот изнесувал 0,5 отсто, додека во февруари бил 0,7, а во јануари 0,8 отсто, пренесе францускиот весник Капитал. Во истото тромесечје, бројот на изградените станови бил 129.499, што е зголемување од 5,5 отсто во однос на истиот период лани, кое е резултат на динамиката во изградбата на индивидуални куќи од плус 21,2 отсто, што многу го компензираше падот во изградбата на станбените згради од минус 5,2 отсто. Бројот на почнатите градби на станови во истото тромесечје на годишно ниво, сепак е помал и тоа за 11,2 отсто.
Москва – Најголемиот руски производител на нафта Росњефт соопшти дека нето профитот во првиот квартал оваа година е намален за 13 отсто, на 3,3 милијарди долари, додека приликите за раст на приходите во иднина се зголемени, благодарение на купувањето на англо-руската компанија ТНК-БП. Компанијата наведува дека профитот паднал најмногу поради сезонските фактори, вклучувајќи го и намалениот обем на продажба на нафтените преработки. – Клучна ставка за Росњефт во дадениот период е купувањето на 100 отсто акции на ТНК-БП – рече извршниот директор на компанијата Игор Сечин, додавајќи дека Росњефт потпишал и договори за соработка на развој на полето на нафта и гас со меѓународни гиганти како што се Ексон Мобајл, Статоил и ЕНИ.
Вашингтон – Потрошувачката доверба во САД е зголемена во април, по падот од претходниот месец, соопшти њујоршката организација за економски и деловни истражувања Конференс борд. Индексот на потрошувачката доверба кој го пресметува Конференс борд порасна на 68,1 од ревидираните 61,9 поени од март. Очекуваните потрошувачи во врска со краткорочната економска прогноза и идните примања пораснаа, иако на расположението на граѓаните влијаеше растот на данокот и строгото буџетско штедење кое почна на 1 март.
Питсбург – Американскиот производител на челик Ју Ес Стил изгуби 73 милиони долари во првиот квартал поради силната конкуренција и растот на цените, а според прогнозата на компанијата, ни тековниот квартал нема да биде многу подобар, поради што акциите на челичарницата паднаа. Ју Ес Стил наведе дека трошоците за производство пораснале, но продажните цени се исти, предвидувајќи дека состојбата ќе се влоши во вториот квартал. Во најзначајниот сектор, производството на челични лимови, се предвидува раст на оперативните трошоци поради поправки и одржување, како и раст на цените на природниот гас, додека продажната цена веројатно ќе остане на ниво од првото тромесечје.