Концернот „BMW Group“ објави официјално видео со четирите концептуални модели „Vision Next 100“. Сите тие одделно беа прикажани минатата година во рамките на прославата на 100-годишнината на германскиот производител.
И четирите прототипови – „BMW Vision Next 100“, „Rolls-Royce Vision Next 100“, „MINI Vision Next 100“ и „BMW Motorrad Vision Next“, ги демонстрираат главните насоки во кои ќе се развива транспортот во наредните 100 години. Според „BMW“, транспортните средства треба да бидат „активни придружници и советници на луѓето во секојдневните ситуации“.
Баварците сметаат дека клучните концепти во идниот век ќе бидат автономно движење, индивидуалноста, иновативните средства за безбедност, широките можности за поврзување и електричните возила. Концептите имаат многу заедничко, но истовремено се ориентирани кон различни потреби – од самобалансирачки мотоцикл, кој може да се вози безбедно и без шлем, до суперлуксузна беспилотна лимузина со вештачка интелигенција, во која не е оставено место за возачот.
Во „BMW Group“ сметаат дека иднината која ја најавува концептот „Vision Next 100“, веќе се случила. Затоа и видеото, симено во Лос Анџелес и Бангкок, се нарекува така „Новата ера започна“. Реално сепак се очекува првиот целосно автономен автомобил на баварците, кој може да прими огромни количини на информации преку 5G-врска, да се појави дури во 2021-ва година.