2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИсланд ги обврзува компаниите еднакво да ги плаќаат двата пола

Исланд ги обврзува компаниите еднакво да ги плаќаат двата пола

iceland3333555

На Меѓународниот ден на жените Исланд стана првата земја во светот која ги принудува компаниите да докажат дека ги плаќаат еднакво вработените – без оглед на пол, етничка припадност, сексуална ориентација или националност, пишува „Independent“.

Владата на земјата објави нов закон во кој ќе бара секоја компанија со 25 или повеќе вработени да добива сертификат, покажувајќи еднаквост во платите. Исланд не е првата земја која воведува слично правило. Швајцарија и американската држава Минесота исто така имаат таков закон, но таа е првата земја која го претвора во задолжителен услов.

Министерот за еднаквост и социјална политика Торстејн Виглундсон соопшти дека „моментот е погоден да се направи нешто радикално за тоа прашање“. „Еднаквите права се човекови права. Треба да се осигура дека мажите и жените имаат еднакви можности на работното место. Наша одговорност е да ги преземеме сите мерки за постигнување на тоа“, додаде тој.

Мерката е дел од напорите на северната земја да ја искорени нееднаквоста во платите на половите до 2022-ра година. Во октомври илјадици жени во Исланд излегоа од работното место во 14.38 часот, како протест поради пониските плати од тие на мажите. По овој час во вообичаениот 8-часовен работен ден жените работат без плати, соопштија синдикатите и женските организации.

Исланд одамна вложува напори за воспоставување на еднаквост во платите, па веќе воведе минимална квота од 40% за жени во одборите на директори на компании со повеќе од 50 вработени. Земјата беше одредена како најдобра во светот за сексуалната еднаквост од Светскиот економски форум осма година по ред, но и покрај тоа Исландските жени продолжуваат да заработуваат со 14 до 18% помалку од мажите.

Ако новата законодавна мерка биде прифатена од исландскиот парламент, како што се очекува, владата планира да ја воведе до 2020-та година. Виглундсон изјави дека има противење на законот од страна на луѓе, според кои тој е непотребна бирократија.

„На компаниите ќе им биде потребно време да се усогласат со ваквиот закон. Но ќе им наметнуваме такво нешто на компаниите цело време кога правиме ревизија на годишниот финансиски извештај или на нивните даночни декларации“, призна тој. „Треба да се преземаат смело новите чекори, да бидеме смели во борбата против неправдата“, рече уште Виглундсон.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП