Оперативната добивка на вториот најголем производител на пиво во светот „Heineken“ во 2016-та година ги надмина очекувањата на аналитичарите благодарение на силната продажба на азиските пазари, соопштува „Bloomberg“.
Очекувањата се растот да продолжи и оваа година, во однос на приходите и профитот, објави компанијата со седиште во Амстердам.
Оперативната профитна маргина ќе се зголемува во согласност со среднорочната цел од 40 базични поени, со исклучок на планираните превземања и непредвидени настани.
„Забележавме силни резултати во 2016-та година со добрите перформанси на нашиот премиум бренд во порфолиото“, изјави главниот извршен директор на „Heineken“, Жан-Франсоа ван Боксмеер.
Продажбата на пиво во Виетнам – еден од најголемите пазари на „Heineken“, расте во позадина на зголемувањето на приходите на средната класа.
Претходно оваа недела компанијата постигна договор за купување на бизнисот на својот конкурент „Kirin“ во Бразил, каде холандската пивара предвиде враќање кон раст на пазарот на пиво по падот поради девалвацијата на валутата и политичките катаклизми.
Приходите на „Heineken“ растат за 4,8% во 2016-та година, што ги надминува очекувањата на „Bloomberg“ за раст од 3,7%.
Компанијата предвиде и повисок приспособен оперативен профит од 3,54 милијарди евра (3,8 милијарди долари) во споредба со просечната оценка од 3,47 милијарди евра.