Претставници на педесетина домашни компании со докажано општествено одговорно делување ja поддржаа иницијативата за формирање на првиот Клуб на одговорни бизниси во земјава. Клубот ќе претставува нова уникатна платформа за здружување на иницијативите, идеите и ресурсите на компаниите заради реализација на поголеми и посложени проекти, кои ќе имаат значајни ефекти врз животот на луѓето, просперитетот на заедниците и одржливиот развој на општеството.
„Ваквиот начин на здружување и партнерство на бизнисот со граѓанскиот сектор во Британија се практикува веќе 30-тина години. Водејќи се од успехот на оваа платформа која кај нас работи под директно покровителство на неговото величество – Принцот Чарлс, ние успеавме да ја прошириме и глобално, обезбедувајќи поддршка за над 130 вакви независни организации и клубови во 67 земји“, изјави Чарлс Гарет, британскиот амбасадор на презентацијата на Клубот која се одржа во неговата резиденција во Скопје.
Основач на Клубот на одговорни бизниси е „Конект“ – организација со главна мисија и големо искуство во поттикнување и промовирање на општествената одговорност и филантропијата, која воедно ќе се грижи за неговото успешно функционирање.
„Клубот е отворен за сите заинтересирани компании, без оглед на нивната големина. Важна е нивната посветеност за учество во реализација на заедничките акции и програми на Клубот во области како што се: корпоративно волонтирање, менторирање, младинско вклучување и вработување и други. Покрај здружување на идеите и ресурсите, Клубот претставува и место каде бизнисите можат континуирано да ги унапредуваат знаењата, да градат капацитети и да создаваат партнерства со граѓанските организации и институциите, за што ќе им бидат ставени на располагање сите стручни капацитети и експертиза на организацијата „Конект“, чија задача ќе биде континуирано да им помага на членките и на самиот Клуб да ги реализираат сите активности преку примена на најдобрите европски приоди и практики во доменот на општествената одговорност“, вели извршната директорка на „Конект“, Никица Кусиникова.
Работата на Клубот стратешки ќе ја насочува Одбор составен од врвни менаџери на некои од најуспешните македонски компании, коишто и досега имаат големо искуство и значајни активности во областа на општествената одговорност.
„Целта на Клубот на одговорни бизниси е поинтензивна и суштествена соработка меѓу бизнисите и граѓанскиот сектор во промовирање на принципите на општествена одговорност. Улогата на бизнисите во општеството е огромна. Многу од нас се веќе вклучени во општествено одговорни проекти и тоа е навистина за поздравување. Формирањето на оваа платформа, ќе претставува синергија на бизнисите, граѓанскиот сектор и институциите за што поголема мобилизација за справување со предизвиците во нашето општество и креирање соодветни решенија и проекти за одржлив развој на заедницата и општеството во кое сите ние живееме и функционираме“, изјави Живко Мукаетов, претседател на Управниот одбор и генерален директор на Алкалоид АД Скопје, една од водечките домашни компании со значајни вложувања во проекти кои придонесуваат за развој на заедницата.
Дополнителна гаранција за тоа дека во функционирањето на Клубот ќе бидат применети најдобрите европски практики во оваа област е фактот што иницијативата за неговото формирање се реализира во рамки на проектот „Граѓанското општество посилно со бизнисот и граѓаните“, финансиран од Европската Унија.