Во услови кога имаме енормно загадување на воздухот во повеќе градови на Македонија, Електрани на Македонија(ЕЛЕМ) најавува дури четири нови термоелектрани на јаглен, кои значително ќе придонесат за загадување на воздухот во делови на земјата што сега не се загадени, обвинуваат од Еко-свест.
„Во фаза на изработка се неколку студии за нови термоелектрани кои би користеле увозен висококалоричен јаглен. Дополнително на ова, ЕЛЕМ во изминатиот период, без учество на јавноста одржа јавна расправа за студијата за оцена на влијанието врз животната средина од модернизацијата на ТЕЦ Осломеј, за која исто е предвидено да работи на висококалоричен увозен јаглен“, додаваат од Еко-свест, при тоа истакнувајќи дека значително подобар избор е природен гас, отколку јаглен.

Според еколозите, увозот на висококалоричен јаглен придонесува кон речиси целосна енергетска зависност на Македонија.
„Инвестирањето во нови капацитети за согорување на фосилни горива претставува погрешен избор бидејќи наместо да се вложува во чисти технологии кои ќе придонесат за искористување на изворите на енергија кои ни се достапни речиси бесплатни, како што е сонцето, ќе се инвестира во транспортирање и согорување на висококалоричен јаглен кој, освен што ќе нè направи целосно увозно зависни, значително ќе го зголеми загадувањето на воздухот во регионите каде се предвидени новите термоелектрани на јаглен и ќе го влоши здравјето на граѓаните кои веќе се жртви на енормното загадување“, вели Невена Смилевска, програмски координатор за клима во Еко-свест.