Само пред неколку дена од „Mercedes-Benz“ објавија дека развиваат 5 целосно нови проекти на свои автомобили кои ќе се појават на пазарот. Сега компанијата објави и фотографии од дизајнерскиот центар во Зинделфинген кои даваат идеја за она што треба да очекуваме.
Од сликите станува јасно дека дизајнерите на брендот работат на спортски автомобил, кросовер и спортски седан. Првиот најверојатно ќе стане новиот хипер-автомобил на „Mercedes-Benz“, кој ќе користи технологија од Формула 1, а засега го носи кодното име „Project One“.
Се очекува овој модел да биде претставен на саемот во Франкфурт наесен. За машината се знае дека ќе биде опремена со 1.6-литарски V6 турбо мотор кој во комбинација со електромотор ќе нуди вкупната моќност од 1.000 КС. Автомобилот ќе се појави на пазарот по цена од 2,5 милиони долари.
Вториот проект на дизајнерите од Зинделфинген претставува кросовер. Најверојатно тоа е идниот „GLB“ кој во палетата ќе се најде меѓу „GLA“ и „GLC“.
На сликите може да се забележи и спортски седан, исто така со прилично импресивен изглед. За него се претпоставува дека ќе се претвори во дел од палетата на луксузната марка „Maybach“, која Концернот успешно ја прероди.