Најголемиот производител на машини за градежниот и рударскиот сектор, „Caterpillar“ ги намали изгледите за продажба во оваа година. Компанијата објави дека приходите за 2016-та година се намалиле 4-та година по ред – доказ дека падот во рударството и градежништвото продолжува.
Гиганото со седиште во Пеорија, Илиноис, рече дека последното поскапување на американскиот долар може дополнително да ја намали продажбата во оваа година, откако приходите паднаа за 18% во 2016-та година до 38,5 милијарди долари.
Загубите на „Caterpillar“ се продлабочија во четвртиот квартал. Компанијата забележа загуба од 1,2 милијарди долари, или 2 долари по акција, во споредба со загубата од претходната година од 94 милиони долари, или 16 центи. Приходите се намалија до 9,6 милијарди долари од 11 милијарди долари на годишно ниво.
„Продолжуваме да работиме во предизвикувачка економска средина и сме фокусирани на подобрувањето на оперативната маргина, профитабилноста и враќање за акционерите. Иако гледаме знаци за позитивна активност во некои од нашите клучни крајни пазари, целокупната економска средина останува тешка“, изјави главниот извршен директор на „Caterpillar“, Џим Ампелби.
Проблемите на производителот се засилија поради повисоките трошоци од очекуваното за реструктуирање, загуби поврзани со пензиските придонеси и оштета за 595 милиони долари поради аквизицијата во 2011-та година на производителот на рударска опрема „Bucyrus International“.
Без овие ефекти компанијата има заработено 83 центи по акција, што е без промена во однос на претходната година и е над очекувањата за 66 центи на аналитичарите анкетирани од „Thomson Reuters“. Аналитичарите очекуваа и приходи за 9,8 милијарди долари за кварталот.
Акциите на „Caterpillar“ поевтинија за околу 1% до 97,13 долари во раната трговија во четвртокот.
Компанијата вели дека поскапувањето на доларот е една од причините за намалувањето на нејзините прогнози за приходите за годината кои се движат од 36 до 39 милијарди долари.
„Caterpillar“ очекува заработка по акција од околу 2,30 долари за оваа година, или 2,90 долари без трошоците за реструктуирање, оценуваат на околу 500 милиони долари.
Реструктуирањето беше проблем и врз глобалната работна сила преку кратење на работните места. До крајот на 2016-та година компанијата имаше 106.400 вработени, наспроти 118.700 вработени пред една година. Најмногу кратенки биле направени во САД.