19 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈА100.000 блокирани сметки и нови правила за извршување

100.000 блокирани сметки и нови правила за извршување

iz

Во време кога околу 100.000 граѓани и фирми се соочуваат со блокирани сметки стапија во сила новите правила по кои треба да постапуваат извршителите – што значи ова за должниците?

Над 110.000 граѓани и фирми со блокирани сметки

Според последните податоци на Народната Банка (НБРМ) кои се однесуваат на септември минатата година 76.504 граѓани имале вкупно 179.250 блокирани трансакциски сметки. Во истиот период 36.108 правни лица имале блокирано вкупно 54.876 сметки.

Извршителите работат по нови правила

На 1 јануари стапија во сила новите, помеки правила по кои постапуваат извршителите.

Со нив се воведе засилена контрола на работењето на самите извршители; писмена опомена пред принудна наплата; вонсудска постапка за комуналните сметки; кратење на роковите за продажба на недвижностите; но и за иселување на должниците; можност да се продаваат предмети при стечај; еднократно поднесување на барање за алиментација; електронска комуникација со државните органи.

Ова значи дека заостанатите сметки за комуналии (струја, вода, парно, телефон, каблеска) веќе не одат на нотар или на суд како до сега туку директно кај извршител. Со тоа треба да се избегнат дополнителните трошоци.

Јавните, комуналните и претпријатијата кои нудат други услуги ќе мора најпрвин да се обидат да го наплатат заостанатиот долг преку извршител, а дури потоа да почнат судска постапка. Со овие измени граѓаните ќе добијат можност да се раздолжат уште во првата фаза, кога нема дополнителни судски, банкарски и други трошоци.

Има измени и на процедурата за продажба на недвижностите – предвидено е кастрење на роковите за утврдување на нивната вредност од страна на проценителите од 15 на 8 дена, а отстранета е и можноста за трето јавно наддавање. Тоа значи дека, ако досега постапката можеше да се завлече и до 14-15 месеци, сега тоа би можело да се лимитира на 3-4 месеци. Дополнителна измена е и тоа што со новите правила извршителите добиваат можност да вршат физичка делба на имотот, а скратен е и рокот за иселување на должникот што живее во продадениот објект од 60 на 30 дена.

Извршителите од оваа година имаат можност да продаваат подвижни и неподвижни ствари  во рамките на стечајна постапка.

Децата што добиваат пари од своите разведени родителите преку извршител не треба да поднесуваат ново барање за исплата на алиментација секогаш кога парите ќе доцнат. Со новиот закон за извршување, барањето се поднесува само еднаш и трае се додека децата имаат право на алиментација.

Извршителските канцеларии имаат рок од неколку месеци да ги испочитуваат новите правила кои предвидуваат нивно електронско поврзување со институциите што имаат регистри и јавни книги: Агенцијата за вработување, фондовите за здравствено и за пензиско осигурување, МВР, Катастарот. Оттаму треба да добиваат бесплатни податоци со што вкупните трошоци за постапките треба да се намалат.

Новите правила стапија во сила на 1 јануари наместо како што првично беше планирано на 20 август. Објаснувањето за одложувањето беше дека тоа се прави на барање на компаниите кои обезбедуваат комунални услуги поради внатрешно усогласување на нивните правилници. Токму сметките за струја, вода, телефон, заостанати рати за кредити се и меѓу најчестите предмети на извршителите.

Извршителите наплаќаат по околу 100 милиони евра годишно

Комората на извршители на Македонија (КИРМ) се уште го нема објавено годишниот извештај за 2016-та. Според оној за 2015-та сите извршители заедно наплатиле 107 милиони евра. Имало вкупно 154.522 барања за наплата, а постапката била успешно завршена кај 52.439 случаи односно кај 33.95%.

Процесот на наплата најчесто трае подолго од една година (во 2015-та тоа биле 22.899 барања). Само 16.729 биле решени за помалку од три месеци.

Според извештајот најмногу пари биле наплатени во Скопје – нешто над 59 милиони евра, а најмалку во Кочани, Берово, Виница и во Делчево – во сите четири града заедно нешто под 2 милиони евра. Поголемиот дел од должниците биле фирми, а значително помал граѓани.

Извршителите беа воведени пред една деценија

Извршителите беа воведени пред една деценија. За овој период наплатиле вкупно 830 милиони евра, најмногу или речиси 128 милиони евра во 2013-та, потоа по 107 милиони евра во 2014-та и 2015-та; а најмалку или 20 милиони евра во 2006-та, првата година од нивното функционирање.

Во Македонија во моментов има 99 извршители. Превидено е воспоставување на вкупно 132, оттука 35 места се непотполнети.

Вкупниот број на вработени во извршителските канцеларии во 2015-та бил 625 односно секој извршител во просек имал по нешто над 5 ангажирани помошници и дополнителен персонал.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП