19 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГрадежништво – столб на кој се потпира растот

Градежништво – столб на кој се потпира растот

gradeznistvo

Градежниот сектор и годинава треба да продолжи да ѕида успеси. Ова го покажува споредбената анализа од податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) и на финансиските извештаи на компаниите објавени на Македонската берза.

Предвидена градба на повеќе објекти

Според ДЗС во ноември 2016-та биле издадени 363 одобренија за градење што во однос на ноември 2015-та е зголемување за 14.2%. Проценетата вредност на овие објекти е над 98 милиони евра, а 60% од дозволите се однесуваат на високоградба, 15% на нискоградба и 25% на реконструкција.

Менаџерите очекуваат подобри времиња

Градежниот сектор го очекуваат подобри времиња. Така се изјасниле менаџерите на компаниите во анкетата што ја спроведе ДЗС. Во последниот квартал од 2016-та индикаторот на доверба е зголемен за 2% во однос на истиот период од 2015-та.

Очекувањата на менаџерите за вкупните порачки за градежни работи ќе бидат поповолни, но од друга страна проекциите се дека бројот на вработени ќе се намали во наредните три месеци.

Најголемо ограничувачко влијание, според менаџерите, имаат: зголемени трошоци за материјали со 18.9%, зголемени камати со 14.8%, конкуренција со 12.5% и слаба побарувачка со 12.5%.

Позитивни финансиски резултати

Големата градежна „тројка“ прокнижила добри резултати во првите три квартали од 2016-та, покажуваат последните финансиски извештаи објавени на Македонската берза.

Бетон АД Скопје имал оперативни приходи од 26 милиони и 668 илјади евра што е за 13% помалку во однос на истиот период од 2015-та. Оперативните расходи биле намалени за 20% и изнесувале 25 милиони и 713 илјади евра. Со тоа компанијата имала вкупен профит од 963 илјади евра што е за 4% повеќе од 2015-та.

Бетон АД Штип ги зголемил оперативните приходи за 20% со што тие достигнале 9 милиони и 344 илјади евра. Истовремено оперативните расходи пораснале за 35% и достигнале 8 милиони и 777 илјади евра. Тоа резултирало со помал профит за 25% кој изнесувал нешто над 481 илјади евра.

Оперативните приходи на ГД Гранит АД Скопје биле поголеми за 14% и достигнале 50 милиони евра. Расходите биле зголемени за 12% и достигнале 47 милиони евра. Со тоа компанијата го зголемила профитот за 3% кој надминал 3 милиони евра.

Финансиските извештаи објавени на берзата покажуваат дека и на производителите на градежни материјали им одело добро.

Цементарница Усје АД Скопје во првите три квартали од 2016-та во однос на истиот период од 2015-та имала поголеми приходи за 7% и тие изнесувале 54 милиони и 109 илјади евра; поголеми расходи за 4% кои биле 36 милиони 873 илјади евра што резултирало со раст на профитот од 19% кој надминал 15 милиони и 609 илјади евра.

Адинг АД Скопје ги зголемил приходите за 10% и тие достигнале 4 милиони и 438 илјади евра, расходите пораснале за 16% до сума од 4 милиони и 143 илјади евра, а заработката била помала за 6% и изнесувала 352 илјади евра.

Од јануари до септември 2016-та, Фабрика Карпош АД Скопје имала фантастичен раст на приходите од дури 239% кои изнесувале 8 милиони и 257 илјади евра. Профитот пораснал за 92% и изнесувал 883 илјади евра.

Мермерен комбинат АД Прилеп имал помали приходи за 10% кои изнесувале 10 милиони и 831 илјади евра, а профитот бил помал за 51% односно бил 2 милиони и 117 илјади евра.

Солиден раст на секторот

Градежништвото останува еден од главните столбови на кој што се потпира целата економија. Според последните податоци на ДЗС во третиот квартал од 2016-та во однос на истиот период од 2015-та растот на секторот бил 10.3% со што имал и големо учество во вкупниот раст на БДП кој во третото тримесечје од минатата година достигна 2.4%.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП