Компанијата „Audi“ го искористи автосаемот во Детроит, за да го претстави концептниот модел „Q8“. Според претставник на производителот, тоа е најлуксузниот автомобил во историјата на брендот. Неговото сериско производство ќе стартува во 2018-та година.
Крос-купето, што ќе се бори за клиенти со „BMW X6“ и „Mercedes-Benz GLE Coupe“, е долго 5020 мм, широко е 2040 мм и високо е 1700 мм. Растојанието помеѓу двете оски е 3.000 мм. Теренецот добил нова верзија на решетката на ладилникот „Singleframe“, матрични „LED“ фарови, 23-инчни бандажи, странични стакла без рамки и дополнителни аеродинамички елементи на каросеријата.
Ентериерот на „Audi Q8“ е со 4 седишта, а во него е интегриран модернизираниот дигитален панел – т.н. „виртуелен кокпит“. Тој е со дијагонала 12,3 инчи и во него влегуваат проекциски дисплеј и два скринови на допир кои при исклучување се спојуваат со црниот панел на централната консола. Во внатрешноста се користат два вида кожа, а багажникот има зафатнина 630 литри.
Погонот на возилото е доверен на хибриден агрегат, кој може да се полни од електричната мрежа. Во неговата основа е 3,0-литарски бензински мотор „TFSI“ (333 КС и 500 Нм), комбиниран со електромотор (136 КС и 330 Нм), кој е интегриран со 8-степен автоматски менувач.
Вкупната моќност е 449 КС и 700 Нм, која му овозможува на моделот да забрза од 0 до 100 км/ч за 5,4 секунди и да ја развие максимална брзина од 250 км/ч. Просечната потрошувачка на гориво, според претставници на „Audi“, е 2,3 l/100 km, а нивото на штетни гасови „СО2“ е 53 g/km.
Литиум-јонските батерии на возилото се со капацитет од 17,9 kW / h, а се полнат целосно за 2 часа и половина. Само на електрична енергија „Audi Q8“ може да помине до 60 километри, а вкупата километража – со полни акумулатори и резервоар, е околу 1.000 километри.