Најсложената политичка криза од осамостојувањето на Македонија наваму имаше влијание, но економијата сепак испорача резултати, при што економскиот раст најверојатно ќе ги надмине владините проекции, а невработеноста е сведена на историски најниско ниво, рече во интервју за една телевизија министерот за финансии Кирил Миноски.
Странските инвеститори продолжија да доаѓаат и во 2016 година, дури има и раст на странските директни инвестиции во споредба со 2015 година.
„Имаме компании кои минатата година најавија и отворија погони, а други имаат отпочнато со градежни активности. Сите тие ќе продуцираат нови работни места, истакнува Миноски и додава дека годинава се очекува вработеноста да се зголеми за 3 проценти според најконзервативните проекции“, вели Миноски.
Тој оцени дека буџетот е во одлична кондиција, па минатата година е завршена со одлична наплата на даноците од 99 проценти, но и со понизок буџетски дефицит за околу 1 процентен поен од планираниот. И во 2017 година сервисирањето на обврските на буџетот, како исплататата на плати и пензии, но и други расходи, ќе се одвива редовно и непречено.
„Согласно податоците за 2016 година, и покрај низа сценарија и шпекулации дека дел од приходите се напумпани, се покажа дека не е така. Даночните приходи покажуваат степен на наплата од 99 проценти што е навистина одлична бројка“, додаде Миноски.
Сепак, како што потенцира, секоја политичка криза влијае негативно врз економијата.
„Негативните трендови кои ги имаме кај некои извештаи од различни релевантни кредитни бироа и кредит рејтинг агенции, како главен негативен фактор ја земаа политичката криза. Политичката криза влијае пред се на потрошувачката, меѓутоа влијае и на амбиентот за инвестиции и од тој аспект има негативен импакт врз економскиот развој. Затоа неколку пати напоменувам дека час поскоро е неопходно да се најде соодветна завршница на политичката криза и да се фокусира на она што претставува главен приоритет на оваа држава, а тоа е економскиот развој, креирање на работни места и креирање на повисок животен стандард на граѓаните“, вели МИноски во интервјуто.