18 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВести од светот

Вести од светот

najnovi-vesti

Најнови вести од светот 25.04.2013

 

Штутгарт – Германскиот производител на автомобили Дајмлер, соопшти дека големите инвестиции и слабиот пазар значително влијаеле на неговиот профит во првите три овогодишни месеци. Компанијата наведува дека во првиот квартал нето профитот е намален за 60 отсто на 536 милиони евра, во однос на 1,34 милијарди, колку што изнесувал во истиот период лани. Профитот, ако се одземат каматите и даноците паднал за 56 отсто на 917 милиони евра, додека приходите истовремено се намалени за 3 отсто, на 26,10 милијарди евра.

 

Берн, Берлин – Германската хемиска компанија БАСФ ќе укине 500 работни места во светот, од кои 350 во Швајцарија, во регионот на Базел, со цел да се подобри конкурентноста на пазарот. Во филијалите на компанијата во Базел, на кои се однесуваат мерките за намалување на работната сила, се произведуваат адитиви за индустрија на пластика и пластични маси, како и боја и хемикалии кои се користат во производство на вода, кожа и текстил, чиј пласман е посебно погоден со конкуренцијата од Азија. Процесот на реформите треба да заврши до крајот на 2015 година, наведе компанијата во соопштението кое го пренесе швајцарскиот весник 24 часа.

 

Лисабон – Португалија соопшти дека неколку државни компании се соочени со загуби во износ од три милијарди евра, поради високо шпекулативните финансиски договори кои ги склучиле во последните неколку години. Ваквото владино откритие е сериозен удат за Португалија која веќе има проблеми со спроведувањето на мерките за штедење, кои се наметнати како услов за добивање на помош од 78 милијарди евра. Португалското министерство за финансии соопшти дека некои договори не биле инструменти за намалување на ризици, туку дека содржеле исклучителни шпекулативни структури.

 

Лондон – Британската банка Барклиз која се обидува да го врати реномето по ланскиот скандал околу Либор, соопшти дека во првиот квартал има профит со нето заработка од 839 милиони фунти, по загубата од истиот период лани. Банката остварила профит по даночувањето, по нето загубата од 598 милиони фунти од првото тромесечје лани. – Иако многу работи не се завршени Барклиз да бида силна и отпорна, целосно сме фокусирани на програмата на трансформација и бележиме брз напредок – изјави извршниот директор на банката Ентони Џенкинс.

 

Њујорк – Профитот на Епл во вториот квартал во 2013 година првпат од 2003 падна и тоа за 18 отсто, на 9,5 милијарди долари, во однос на 11,6 милијарди долари во истиот период лани. Вкупните финансиски приходи во второто тромесечје завршено кон крајот на март, се зголемени за 11,2 отсто на 43,6 милијарди долари од 39,2 милијарди во првите три месеци лани, објави компанијата. Епл во првите три месеци оваа година продаде 37,4 милиони смартфони Ајфон, во споредба со 35,1 милион во истиот период лани. Исто така продадени се 19,5 милиони Ајпеди, во однос на 11,8 милиони од јануари до март лани.

 

Берн – Швајцарскиот банкарски гигант Креди Свис соопшти дека во првиот квартал нето профитот значително пораснал на 1,30 милијарди швајцарски франци, во однос на 44 милиони франци од истиот период лани. За растот не нето профитот на годишно ниво, во најголем дек е заслужен фактот дека банката во првото тромесечје оваа година, имала загуби од реструктуирање на долгот. Во првиот квартал оваа година Креди Свис привлече 12 милијарди франци нови средства од клиенти. Заработката пред даночењето во секторот за инвеститорско банкарство порасна на 1,3 милијарди франци во однос на 907 милиони од истиот период лани.

 

Виена – Католичкиот Велигден кој оваа година за разлика од лани беше во март, придонесе во Виена да се надмине ланскиот рекорд на ноќевања за цели девет отсто. Така минатиот месец во Виена се оствариле 960.000 ноќевања, а првиот квартал оваа година со 2.258.000 ноќевања за 5,1 отсто е над ланскиот. Виенските хотелиери во јануари и февруари оствариле вкупно 60.992.000 евра нето промет од ноќевања.

 

Амстердам – Холандскиот производител на пиво Хајнекен во првиот квартал остварил раст на профитот од 36 отсто на 227 милиони евра на годишно ниво и ја намали прогнозата за заработка за 2013 година, поради слабата побарувачка во Европа и Нигерија. – Глобалните пазарни услови и понатаму се нестабилни, што придонесе за слаб прв квартал. Приходите на Хајнекен за првите три месеци оваа година изнесуваа 4,14 милијарди евра, 8,1 отсто повеќе во однос на истиот период лани, но и под 4,28 милијарди, колку што очекуваа аналитичарите кои учествуваа во анкетата на агенцијата Дау Џонс Њусвајерс.

 

Сеул – Нето профитот на јужнокорејската ЛГ електроникс, еден од водечките светски производители на телевизори, е намален во првите три месеци оваа година за 11 пати на 22,1 милијарда вони (20 милиони долари) од 247,5 билиони вони во првото тромесечје лани. Аналитичарите во анкетата на Блумберг прогнозираа чиста добивка од 208,7 милијарди вони. Продажбата во претходното тромесечје е зголемена од 13,2 билиони вони, на 14,1 билион вони. Оперативниот профит на компанијата е намален во првиот квартал на 349,5 милијарди вони од 401,7 милијарди вони во истиот период лани.

 

Никозија – Централната банка на Кипар соопшти дека финансиските институции во таа земја се согласиле да ги намалат релативно високите каматни стапки за да го намалат притисокот на заинтересираните за кредити, во време на кризата. Гувернерот на централната банка Паникос Деметријадес се состана со директорите на банката на преговори за постепено намалување на каматните стапки за да се намали притисокот на економијата која минува низ длабока рецесија.

 

Франкфурт – Се очекува дека само помал број на банки во еврозоната да ги заострат условите на кредитирање во претстојните месеци, сметајќи дека нивниот пристап за финансирање е се поголем, соопшти ЕЦБ. Во анкетата која ЕЦБ ја спроведе во 135 банки во европската монетарна унија, 7 отсто испитаници навеле дека очекуваат дека во вториот квартал ќе ги заострат критериумите кои фирмите мораат да ги исполнат за да им се одобрат кредити.

 

Берн – Швајцарско-шведската фирма во областа на електроенергетиката и индустриската автоматизација АББ, во првото тромесечје оваа година оствари нето профит од 664 милиони долари, што е пад од 3 отсто во однос на истиот период лани, соопшти компанијата. Соочувајќи се со несигурно економско опкружување, циришкиот гигант ја почна годината со мешовити резултати, забележувајќи зголемена продажба и порачки во првиот квартал, но истовремено и благ пад на нето профитот, додека оперативниот профит ЕБИТ, стагнираше на вредност од 1,05 милијарди долари.

 

Лондон – Британските власти соопштија дека ја казниле швајцарската банка ЕФГИ груп со 4,9 милиони евра поради недоволна контрола на спречување на перење на пари. – Британската управа за контрола и надзор на финансискиот сектор ФЦА, ја казни приватната банка ЕФГИ со 4,2 милиона фунти, бидејќи немала ефикасна контрола над перењето на пари, наведено е во соопштението на Управата. Шефот на одделението на ФЦА за борба против финансиски криминал Трејси Мек Дермот порача дека банките се на прва линија на одбрана и дека нивна задача е да спречат криминални дејствија во Британија.

 

Париз – Францускиот производител на возила Пежо Ситроен ПСА, објави дека во првото тромесечје оваа година остварил приходи од 13 милијарди евра, што е пад од 6,5 отсто на годишно ниво. Приходите од продажбата во секторот за автомобили, кој е најзначаен сектор на Групата, паднаа во истиот период за дури 10,3 отсто, на 8,7 милијарди евра, поради пад на европскиот пазар на автомобили на кој овој француски производител остварува 57 отсто од продажбата, како и поради притисокот на цените.

 

Берлин – Главниот економист на ММФ Оливије Бланшар изјави дека германската буџетска политика е соодветна, додека од друга страна ја критикуваше политиката на САД. – Зборувајќи генерално, мислам дека германската буџетска политика е соодветна, додека од друга страна Американците, прават премногу од тоа – рече Бланшар за германскиот весник Ди Цајт. – САД во овој момент треба да работат помалку на консолидирање, но да имаат јасен план за тоа што да направат повеќе за во иднина – рече економистот на ММФ.

 

Чикаго – Американскиот гигант Боинг во првиот квартал забележа раст на нето профитот од 20 отсто на 1,1 милијарда долари, благодарение на даночниот кредит, соопшти компанијата. Вкупните приходи паднаа за 3 отсто на 18,9 милијарди долари, додека приходите по акција изнесуваа 1,44 долари, што е за 19 центи повеќе од првиот квартал лани. Боинг, кој порано објави дека проблемите со Дримлајнер 787 нема значително да влијаат на профитот, повторно ја потврди својата прогноза за тековната година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП